Анализа на Трансевропската опсерваторија за Балканот и Кавказ: Скандалот на Онкологија ја оголи системската криза во здравството
Скандалот на Клиниката за онкологија во Скопје, кој резултираше со обвиненија против четворица лекари и финансискиот директор на установата, е симптом на длабоки структурни проблеми во македонскиот здравствен систем. Ова го покажува анализата на Трансевропската опсерваторија за Балканот и Кавказ, објавена во бугарската информативна агенција БГНЕС.
Според експертите, случајот открил комбинација од непрофесионално лекување, финансиски злоупотреби и институционален пропуст. „Ова не е изолиран настан, туку резултат на години на слаба контрола, недостиг на транспарентност и коруптивни практики“, се наведува во анализата.
Меѓу 2018 и 2022 година, според обвинителството, во клиниката биле применувани терапии спротивно на медицинските протоколи кај најмалку 29 пациенти, а лекови вредни милиони евра биле препродавани во странство. Овие практики довеле до загуби за буџетот и непоправлива штета за здравјето на пациентите.
Анализата укажува дека јавниот притисок, истражувачкото новинарство и сведочењата на семејствата одиграле клучна улога во разоткривањето на аферата, додека институциите реагирале доцна и со ограничени капацитети.
„Случајот претставува тест за владеењето на правото и за способноста на државата да обезбеди одговорност. Без темелни реформи во системот на јавни набавки, медицинската етика и надзорот, довербата на граѓаните ќе продолжи да се руши“, заклучува Трансевропската опсерваторија во својата анализа.


