|

Ангелов: „Пожарот во Ловиштето „Јасен“ е најкритичен, теренот е исклучително тежок“

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави за тв Сител дека пожарот во Ловиштето „Јасен“ беснее неколку дена и е најкритичен во моментов. „Нè чека тешка и ризична задача, но јас сум оптимист, работиме барем да го забавиме ширењето на огнот,“ нагласи тој.

Ангелов појасни дека ситуацијата е деликатна поради високите витли од пламените, што го прави „екстремно ризично пешадиски да се гаси“. При фрлање вода од воздух, проблем претставува тоа што таа не стигнува до земја поради густите борови крошни или испарува од високата температура.

Утрово биле користени четири специјални возила „пинцгауери“ по тесните шумски патеки. „Наутро гасењето било успешно бидејќи тогаш пожарот е ‘заспан’. Но, сликата драстично се менува претпладне и околу пладне со покачувањето на температурата,“ рече тој.

За новите пожарникари, Ангелов нагласи дека нема да бидат вклучени во вакви пожари: „Ќе ги пуштиме на поедноставни пожари. Тие се уште зачекоруваат во водите на пожарникарството, тоа нема да го дозволиме.“ Објасни дека досегашната дводневна обука е само вовед и дека „27 лица ќе имаат дополнителна и посериозна обука“.

Во врска со третиот „ер трактор“, тој рече дека „најверојатно ќе доцни“ поради недостиг на сервисни оператори и авиомеханичари. Ангелов најави и план за набавка на 15 хеликоптери, со можност дел од нив да се користат за гасење пожари, како и нови „ер трактори“ со поддршка од ЕУ, но предупреди дека испораката може да трае со години.

Очекува догодина да има повеќе пилоти, при што и двајца пензионирани пилоти ќе бидат повторно ангажирани, а платите на пилотите веќе се двојно зголемени.

За инспекциите на ПП-апарати, Ангелов рече: „ДЗС има само 13 инспектори и е невозможно да се покрие мал град, а камоли Македонија.“ Додаде дека во новата институција, која се очекува до Нова година, ова прашање ќе се решава поинаку.



Слични Објави