| |

Ансамблот „Танец“ со незаборавен божикен спектакл во Гоце Делчев

Во незаборавен спектакл се претвори концертот на Националниот ансамбл за народни игри и песни на Република Северна Македонија „Танец“, одржан вчера во Домот на културата во Гоце Делчев, јавува Пиринско.

Преполната сала буквално „избувна“ од емоции, убавина, феерија и мајсторство, кои ги прикажаа професионалците од ансамблот „Танец“. Спектаклот, кој траеше час и половина, собра на сцена 50 музичари, танчари и пејачи. Публиката постојано ги поздравуваше со бурни аплаузи извонредните изведувачи, а по завршувањето на концертот многумина споделија дека ова е прекрасен подарок во пресрет на претстојните празници.

Бисови, многу цвеќе и честитки, емотивна и задоволна публика што долго стоечки ги аплаудираше професионалците од „Танец“ – ова е резимето од настанот кој, сосема очекувано, се претвори во едно од најзначајните културни случувања во Гоце Делчев оваа година.

Специјални гости на концертот беа директорот на Државниот фолклорен ансамбл „Филип Кутев“ Георги Андреев, главниот уметнички раководител на ансамблот „Пирин“ – Благоевград, ректорот на Универзитетот „Неофит Рилски“ – Благоевград, проф. Николaј Марин, како и ректорот на Академијата за музичка, танцова и ликовна уметност „Проф. Асен Диамандиев“ – Пловдив, доц. д-р Жан Пехливанов.

Божиќниот концерт на ансамблот „Танец“, организиран од општина Гоце Делчев, беше посветен и на одбележувањето на 75-годишнината од формирањето на ансамблот.



Слични Објави