| |

Антибугарската реторика како политичка стапица за власта во Скопје*

Д-р Андреј Ковачев

Изјавата на еврокомесарката Марта Кос потврди нешто што го повторувам со години – Република Северна Македонија нема да добие други гаранции освен оние што веќе се запишани во Преговарачката рамка.

И да – Бугарија, како и секоја друга држава членка на Европската Унија, има полно право во секоја фаза од преговарачкиот процес на приговори и, доколку е потребно, да го запре Скопје ако преземените обврски не се исполнуваат. Тоа се однесува и на исполнувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, двата протокола кон него, како и на постигнувањето реални резултати од работата на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања, кои ќе бидат прифатливи и за Бугарија (ова е дел од Преговарачката рамка!). Добрососедството е копенхашки критериум!

Затоа повторно упатувам пријателски апел до Христијан и Тимчо:

– престанете да барате „магични“ гаранции што ниту една институција и ниту една држава членка на Европската Унија не може и нема да ви ги даде. Наместо тоа, исполнете го веќе договореното.

Исто така, престанете да ги обиколувате европските престолнини со надеж дека некој европски лидер ќе изврши притисок врз Бугарија да направи некаков „симболичен“ гест – на пример, за теми како ОМО „Илинден“ – кој потоа ќе биде претставен пред македонската јавност како голема победа над „источниот сосед“ и како оправдување зошто Бугарите сепак можат да бидат впишани во Уставот. Барате излез од стапицата во која самите влеговте! Не можете да очекувате Бугарија да ве извлече од таа стапица.

Со години ги предупредував и Христијан Мицкоски, и Тимчо Муцунски дека не треба да се води предизборна кампања изградена врз антибугарска реторика. ДПМНЕ веројатно ќе ги добиеше изборите и без слогани како „Бугари во Устав – никогаш“. Но кога таквите пораки ќе станат центар на политичката кампања, тие неизбежно се претвораат и во стапица пред сопствените избирачи.

Не можете да очекувате доверба од Бугарија ако го оправдувате или, во практика, го легитимирате говорот на омраза и актите на насилство врз луѓе со бугарска самосвест. Не може да има доверба кога човекот што го запали бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола е претворен во симбол на вашата предизборна кампања. И тоа е само еден од многуте примери.

Таквите дејства испраќаат порака што е неспоива со вредностите врз кои е изграденa Европската Унија.

Денес, наместо да бараат нови оправдувања и да им фрлаат прашина во очи на сопствените граѓани, властите во Скопје треба да го направат својот избор – меѓу европската интеграција и политиката на постојана конфронтација.

Тој избор никој во Брисел, Софија или во која било европска престолнина не може да го направи наместо нив.

* Насловот е на редакцијата

Слични Објави