|

Арсенков бара доградба на поранешната Градска со пет операциони сали: Зградата е стара 93 години, секој ќош е искористен

Директорот на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум охридски“ поранешна Градска болница, Љубен Арсенков, денес на прес- конференција за промоција на нова опрема, од премиерот, од министерот за здравство и од јавноста побара поддршка за доградба која би била на паркингот пред болницата. Во неа би се сместиле пет операциони сали кои ќе се поврзат со старата зграда на болницата преку топол ходник. Проектот предвидува паркирањето да се задржи, како што е сега, но над паркингот на столбови да се изгради новиот објект, па топлиот ходник за новите операциони сали би служел и како натстрешница која и сега недостасува на влезот во болницата.

„Се работи за доградба во делот на паркингот која со топол премин би била поврзана со самата установа. Топлиот премин би служел како натстрешница која во моментов недостасува и за да ги запазиме еколошките моменти, на крај би завршиле горе на покривот со еден руф-топ бар . Тој проект би имал голема функционалност. Пет операциони сали со сите светски стандарди е спас за македонската хирургија. Преоптоварени се сите сали, а ќе добиеме други простори во болницата. Зградата е стара 93 години, што и да правиме овде не можеме , секое ќоше го искористивме“, рече директорот Арсенков.

„Кажете им на Конзерваторски дека пред ‘Лувр’ има стаклена пирамида“, го поучи премиерот Ковачевски директорот на болницата

Проблем, кој директорот Арсенков верува дека ќе биде надминат, е Конзерваторскиот центар кој не дозволува топлиот ходник да се спои со старата зграда оти е заштитена како архитектонски објект.

„Топлиот ходник не ја грди зградата не нарушуваме ништо а добивме неопходни моменти“, објасни директор Арсенков.

Премиерот, Димитар Ковачевски, откога директорот Арсенков спомена дека имаат мал проблем со Конзерваторскиот ценат, му дофрли „кажете им на Конзерваторски дека пред Лувр има стаклена пирамида“.

На тоа директорот Арсенков рече дека му е жал што не успеал да извади фотографии од најстарата зграда во Америка која со стаклен мост е поврзана со сосема нова зграда и изрази благодарност за поддршката од премиерот и од министерот Меџити.

Доградбата е планирана на паркингот пред болницата поврзана со топол ходник со старата зграда

„Ова е завршена работа“, рече министерот Меџити и објасни дека првпат денес го гледа проектот па побара следната недела директорот да дојде во Министерството и да му ја престави целосната замисла. На прашање дали имаат средства за доградба на болницата министерот Меџити насмевка рече „за средства е многу лесно, премиерот е многу дарежлив“.

Директорот Арсенков посебно е благодарен што оваа клиника се нашла во фокусот на Министерството по долги години запоставување. Низ болницата годишно поминуваат 120.000 пациенти за амбулантски прегледи, дијагностика и операции. Изминатава година имале тренд на пораст на оперативните зафати, ја надминале бројката од 4.500 операции, а за оваа година очекуваат дека бројката а операции ќе биде 5000.

Слични Објави