Арсим Зеколи: Шајкача-пулените на македонските мастермајнди ја разоткриваа својата бугарска самосвест по кафеаните во Овча Купел
„Оставката на Заев е заслужена и логична. Нема место за патетика или сожалување на лик кој самиот си ги бираше соработниците и стратегиите, славеше кога тагувавме, се фалеше кога се срамевме, аздисуваше кога банкротиравме. Специфичноста на неговиот пад лежи во дискрепанцата на поривите на граѓаните кои сакаа да го казнат и мотивите на заткулисните мастермајнди кои во него препознаа закана за нивната долговечност во ексклузивното збирање на наградите од политиката и економијата.
Распространетата елаборација за нивното „анти-бугарство” е делумно точна и воглавно апстрактна доколку нивната црно-бела патриотска сликовница не се обои со веселите бои на профитот, парите, влијанието и неказнливоста. Онака како што тие кругови беа толку лути на Грција за блокадите, но не толку лути за да спречат шпартање на грчки разузнавачи во владини кабинети и преговарање за (кон)федерации со Грција; онака како што нивните шајкача-пулени растеа во скутови на бугарски разузнавачи и ја разоткриваат својата бугарска самосвест по кафеани во Овча Купел и дома предничеа во одбрана и заштита од бугарштината; онака како што спокојно и без присила се согласуваа со ситнење на македонскиот етнички корпус преку бугарски пасоши – така и нивната згрозеност од Договорот со Бугарија е определен од освестувањето дека можеби оној што ќе го спроведе до крај ќе биде и оној што ќе го добие ќарот на денот и привилегијата за владеење во еден сосема поинаков распоред на силите и доминацијата.
Затоа, не гневот против Заев, туку помирливоста на „македонската кауза” со соработниците на Заев во склучување на Договорот е мотив за сомнеж дека Заев беше поголем проблем од самиот Договор“, пишува Арсим Зеколи во својата колумна „Зоран Заев: Дојде тивко и замина во легендите“ објавена во DW на македонски јазик.