Делумно слободни

/

Во најновиот годишен извештај на невладината организација Freedom House, Македонија се води како делумно слободна земја… ништо ново, бидејќи во Македонија се слободни само тие независните (оние од кои ништо не зависи). Си тапкаме во место, а замислете, земјата продолжува упорно да се врти. Во регионот „послаби“ од нас, кога се работи за слободата, се само Косово и Босна и Херцеговина. Во еден ќуп со овие земји (без да ги потценувам, се разбира), Македонија „плива“ во свои води. Се чувствува удобно и не се оптеретува со тоа во какво ново руво ќе се облече. Тоа е така бидејќи по стара традиција облеката чат пат се менува, ама навиките си остануваат непроменети.

Ајде да видиме кој и зошто е слободен во државава. Слободни се сите кои не се дел од шемата. Слободни се сите кои, колку и да се дерат дека нешто не чини, никој не ги слуша. Слободни се сите, кои не се во тек со трендовите на говорење. Никој не ги есапи. Тие што некако успеале да се приберат на „топло“, е тие Бога ми, треба многу убаво да размислат за својата слобода.

Во една своја песна снимена во соседна Бугарија, македонскиот рапер Слаткар, пее за едни „кучиња под ланци“, токму тие кучиња деновиве ја уживаат својата делумна слобода. Знаат дека нема никаква разлика меѓу Бонева и Тунтев, ама не сакаат да си го реметат мирот со вишок споредби. Тие многу убаво знаат дека законот за пушење не е приоритет, ама поудобно им е да зборат за него, отколку за законот за употреба на јазиците, (кој во суштина е закон за употреба на еден единствен јазик- албанскиот).

И така, во една таква делумна слобода на удобните и неудобни теми за дебата или отворено тролање, ќе го дочекаме и следниот извештај на Freedom House (кој најверојатно ќе го повтори сегашниот) . Сосема друга тема е, колку тие извештаи допираат до луѓето во власта, без разлика на нивната политичка обоеност.



Македонија нема време за чекање. Не чекаат и довчерашните опозиционери, бараат вработувања. Бадијала ли со сите сили се мачеа да не го „ситнат“ отпорот. А отпорот не да плачеше за ситнење, ама ајде, за тоа во друга прилика. Сакаат луѓево да си се вработат и да станат зависни. Да станат делумно слободни, за да не се разликуваат од „модерноста“ на својата сопствена држава. Тие луѓе не сакаат да бидат слободни, пошо слободата фрижидери не полни, ама џебовите ги празни.

Токму поради таа причина, Македонија уште долго време ќе биде горд носител на титулата „делумно слободна земја“. За некоја година, прогнозирам дека, веќе нема да сме во друштвото на Косово и БиХ, поради простата причина дека и тие ќе не подминат. Ние пак, ќе се препукуваме преку медиумите (пишани, електронски и социјални), убедувајќи се самите себе колку убаво се чувствуваме додека „шефовите“делумно ни ги кратат јазиците и крилјата, дозволувајќи ни онака од срце, делумно да си ги наполниме и фрижидерите.

Пишува: Атанас Величков



Претходна статија

Прилепските гладијатори (ГАЛЕРИЈА)

Следна статија

Вицепремиерот Османи во посета на Албанија

Најново од Истакнато

Ќорсокак

Пишува: Владимир Перев На 24 јуни 2022 година стана пресврт, револуција во менталната матрица на бугарите