Проф. д-р Д. Зајковски: Поделбите веќе се позади нас
“Ги повикувам бугарските владици да не дозволуваат Белград, Атина или Москва да ја одредуваат нашата заедничка судбина. XIX и XX век се минато. Поделбите веќе се позади нас”. Ова го изјави во интервју за БГНЕС историчарот проф. Д-р Драган Зајковски од Институтот за национална историја во Скопје.
БГНЕС: Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Република Македонија и Бугарија беше потпишан од премиерите на двете земји Зоран Заев и Бојко Борисов на 1 август 2017 година Вчера, 15-ти јануари, истиот беше ратификуван од страна на македонскиот парламент. Какво е вашето мислење?
Проф. Драган Зајковски: Сметам дека е бесцелно да се разговара за потребата од пријателство и добрососедство меѓу нашите две држави и братски народи. Ова е јасно за сите нас кои живееме од двете страни на границата. Со договорот се отвора несекојдневна можност двете историски најблиски нации да започнат да живеат во братска љубов и меѓусебно почитување. Од политичка гледна точка Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија е од исклучително значење за напредокот на Република Македонија во процесот на нејзината европска интеграција. И никој не треба да се сомнева во тоа. Паралелно со тоа, двете држави, покажуваат дека не се само сопирачки пред европските процеси, но и дека знаат како да ги поттикнат заедничките европски вредности. Политичките елити од двете страни на пракса покажаа дека со добра волја, без никакви предрасуди, може за релативно краток временски период да потпишат и ратификуваат договорот, кој требаше да биде постигнат уште во 1991 година Случајно или пак со Божјата интервенција, ратификацијата на Договорот во македонскиот парламент се случи на денот кога пред 26 години / 15 јануари 1992 година / Бугарија ја призна Македонија како суверена и независна држава. Бугарија беше првата земја која ја призна нашата независност и одигра клучна улога во спречувањето на големосрпските планови на белградскиот водач Слободан Милошевиќ. Но, за сега да ја оставиме историјата настрана. Верувам дека Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија затвора едно европско прашање, што е исклучително важно за Балканот. Сметам дека Македонија во лицето на Бугарија освои уште еден партнер и поддржувач во нејзиниот стремеж за членство во ЕУ и НАТО. Ова не е важно само за Македонија и Бугарија, тоа е исклучително важно за регионот и за Европа како целина. Верувам дека Договорот ќе донесе многу бенефити за двете во сите области.
БГНЕС: Дали постои поделба во македонското општество во врска со Договорот?
Проф. Драган Зајковски: Македонското општество е длабоко поделено. Како по правило првите негативни реакции дојдоа од оние кои беа поврзани со режимот на поранешниот премиер Никола Груевски, кои се чувствуваат загрозени и се плашат за својот личен комфорт. Тоа се луѓе кои во изминатите 10 години, имаат добиено многу од својот лажен патриотизам, поставувајќи го во служба на грешните политики спроведени од претходната власт во Македонија. Тие се толку компромитирани што, за среќа, во Македонија денес, се помалку луѓе им веруваат. Во исто време со своја позиција излегоа сериозни интелектуалци и колумнисти кои изразија поддршка за Договорот за добрососедство. Пред извесно време во еден од македонските медиуми прочитав исклучително прецизна дефиниција за оние кои му се спротивставија на Договорот. Во неа се вели дека тој е “земјотрес” за квазипатриотите, квазиисторичарите, квазиполитичарите, но и земјотрес за криминалните елементи кои сакаат да шират нови поделби. Јас би го додал тука и персоналот на претходните полициски служби и структури. Очигледно, нивните планови не успеаја. Македонија безусловно се насочи кон евроатлантските интеграции, а имам впечаток дека и Бугарија безусловно и дава поддршка на било кој начин. Од тука, Договорот отвора можности за работа во областа на културата, науката, спортот и сл.
БГНЕС: Како ќе ги коментирате односите меѓу Македонската православна црква-Охридска архиепископија и Бугарската православна црква-Бугарска патријаршија?
Проф. Драган Зајковски: МПЦ – ОА во духот на сите позитивни работи кои се случуваат и ќе се случуваат меѓу нашите две братски земји и се разбира братски народи им подаде рака на вашите владици. Го призна она што можеби требаше многу порано да го признае, а тоа се нашите заеднички егзархиски корени и историско минато кое заеднички го споделуваме. Ние подадовме рака препознавајќи го историскиот миг. Следуваше позитивен одговор од Светиот синод на БПЦ и формирање на комисии кои ќе дојдат до единственото логично решение, а тоа е заедничкото сослужување и претставување на МПЦ – ОА како автокефална црква сред останатите православни помесни цркви. Уште еднаш се докажа дека првите чекори се најтешки и речиси без исклучок ги прават оние најхрабрите кои се чесни пред Бога. Следно што очекувам е комисиите брзо да ја завршат работата и на радост на сите да ја имаме првата заедничка богослужба и литургиско сослужување.
BGNES: Дали очекувате какви било реакции на признавањето на МПЦ од страна на БПЦ?
Проф. Драган Зајковски: Најсилните реакции веќе почнаа да доаѓаат од Српската и Грчката цркви, кои се сметаат за многу блиски сојузници. Според хронологијата на настаните прв реагира српскиот епископ Григориј, кој рече дека МПЦ-ОА може веднаш да испрати датум за почеток на преговори со српската црква, како повтори дека српскиот архиепископ во Македонија Јован Вранишковски треба да биде вклучен во преговорите. Се чини дека “црвеното светло” во српскиот Синод веднаш се запалило. Следуваше реакција на Синодот на Црквата на Грција, а пред Божиќ српскиот епископ Иринеј (Буловиќ) и српскиот патријарх Иринеј (Гавриловиќ) дадоа посебни интервјуа. Двајцата архиереи ја потврдија својата позиција во врска со непризнавањето на автокефалниот статус на МПЦ-ОА, со исклучок на тоа што отворено влегоа во политички “води”, коментирајќи ја средбата меѓу македонскиот и бугарскиот премиери во Струмица. Притоа упатија закани дека општото служење меѓу МПЦ-ОА и БПЦ ќе биде причина за раскол од страна на СПЦ и грчкиот блок од цркви. И додека делеа лекции и цитираа канони, СПЦ на својата интернет страница извести дека во Канада, српскиот митрополит Митрофан заеднички сослужувал со архиепископот на Православната Црква во Америка и епископот на Украинската Православна Црква во САД под јурисдикција на Цариградската Патријаршија. Само за потсетување, Американската црква не е признаена ниту од Српската црква, а ниту од Цариградската патријаршија. Произлегува дека СПЦ смее и може да сослужува со непризнати цркви, а БПЦ никако не смее да сослужува со МПЦ. Оттука се поставува дилемата, ако СПЦ ги следи единствено своите интереси, тогаш зошто БПЦ и МПЦ-ОА да не ги следат своите. Очигледно до израз доаѓа традиционалната дволичност на српските владици и особено стравот од македонско – бугарското пријателство.
BGNES: Што би им препорачале на бугарските владици за нивните односи со МПЦ-ОА?
Проф. Драган Зајковски: Би сакал да ги повикам бугарските владици да не дозволуваат Белград, Атина или Москва да ја одредуваат нашата заедничка судбина. XIX и XX век се завршени. Поделбата е позади нас. Донесете одлука и веднаш започнете со општото служење со МПЦ-ОА. Тоа е најмалото нешто што им го должиме на нашите заеднички предци Светите Равноапостоли Кирил и Методиј и нивните ученици Свети Климент и Свети Наум. Нема ништо повозвишено од тоа браќата да служат заедно и да се прочистуваат на ист начин. Секое одложување не е во корист на интересите на нашите братски народи. Ние искрено, јасно, силно и недвосмислено ја препознавме БПЦ за Мајката Црква. Следниот чекор е, што е можно порано, за радост на сите нас, да имаме голема масовна литургија во Охрид, Скопје или Струмица.