|

Арсовска: Регистрирани само 30 правни лица, а повеќе од 1000 во Скопје треба да подлежат на интегрирани еколошки дозволи

Во изминатата година Град Скопје има изречено казни во износ од 12 до 88 илјади евра на правни лица и соодветни казни против физички лица кои се затекнати како неправилно одлагаат отпад и го прекршуваат законот. Како што нагласи денеска градоначалничката Данела Арсовска, покрај краткорочните мерки, Градот работи и на план за имплементација на среднорочни и долгорочни мерки за заштита на амбиенталниот воздух.

Како градоначалник со тимот во изминатата година работевме на системско решение за интегрирано спречување и контрола на загадувањето, при што со анализа и активности на терен детектирани се над 1000 субјекти, кои е неопходно да подлежат на интегрирани еколошки дозволи со што примарните извори на загадување од индустријата ќе се ограничат во можноста да се продолжи со истото однесување. Со имплементација на овие среднорочни и долгорочни мерки, кои ќе се спроведуваат во континуитет, ќе се постигне подобување на состојбите, наместо да се делува со краткорочни мерки кои се интервентни и се активираат само кога проблемот е најизразен, рече Арсовска.

Од 2006 година кога со Законот за животна средина е започнат процесот за интегрирано спречување и контрола на загадување, до овој момент во Скопје се регистирани само 30 правни лица, иако според извршените анализи во изминатата година постојат најмалку 1.000 вакви правни лица кои морале да бидат регистрирани и соодветно контролирани.

-Оттука најавувам, и едновремено апелирам до сите компании кои имаат обврска според овој закон, во наредните 30 дена да достават елаборати за управување со загадувањето и да аплицираат за Б интегрирана еколошка дозвола. Градот ќе ги преземе сите законски можности и нема да амнестира никој кој ќе биде затекнат дека врши дејност без соодветната еколошка дозвола и со тоа го нарушува квалитетот на животната средина и го загрозува здравјето на скопјани, рече градоначалничката.

Арсовска рече дека во изминатата година се работело на системско решение за интегрирано спречување на загадувањето, и тоа не само на краткорочни, туку и на среднорочни и долгорочни мерки, кои ќе дадат резултати. Краткорочните се преземаат само по укажување на Министерството, односно по добиеното известување за алармантна состојба на воздухот, кога Градот постапува по мерките и препораките.

Извор: Слободен печат



Слични Објави