Арсовска се жали дека плаќа туѓи долгови: 2,3 милиона евра Градот ќе плати отштета на Комерцијална, 2 милиона на „Скопски саем“, милион за галиите
Од Град Скопје се побаруваат над 10 милиони евра за отштети по судски спорови и камати за нив за проекти кои се реализирале во мандатите на градоначалниците пред Данела Арсовска. Таа денес уверуваше дека Град Скопје во последните 18 месеци е во добра финансиска состојба и покрај блокирањето на сметката и на советниците им кажа кој се го тужи Градот и чека отштета.
„Дали знаете кои се спорови ги има град Скопје до овој момент и зошто? Еве јас ќе и презентирам дел на јавноста за да знаат што е она што се случувало во изминатите години. Комерцијална банка АД Скопје, тужен Град Скопје 1.171. 900 евра без камата и судски трошоци. Наплатена бесправна банкарска гаранција. Поведен спор. Основниот долг зголемен со затезна камата ќе изнесува 2 335 000 евра, што значи дека на овие 1 171 900 евра имате уште толку судски трошоци и камати од Комерцијална банка за спор кој е покренат од 8.11.2017 година, кој се водел до 2023 година и кој е во своето финале. Значи овој Град ќе биде оштетен по основ на камати и судски трошоци за над 1 милион евра само по основ на овој еден спор“, рече Арсовска.
Спор против Градот повело и Друштвото за градежништво „Интернационал“ на 7.02.2019 година. Арсовска кажа дека тие побаруваат 176 милиони денари, односно скоро 3 милиони евра, на кои треба да се додадат судските трошоци и каматите.
Арсовска објасни и за долгот кон Скопски саем.
„Скопски саем, вредност 110 милиони денари, тоа е неполни скоро 2 милиони евра. Исплатени се средствата во Градот на 19.12.2007 година. Издадено им е одобрение за градење на 31.01.2008 година, поништено им е во меѓувреме и станува сопственост 19.09 на друштвото за недвижен имот ‘Ист Гејт’. Покрената е тужба, истата сега во овој момент беше доставена во Град Скопје за наплата на побарување. Покрај овие основни средства од скоро 2 милиона евра кои беа побарувани, Градот беше задолжен да плати по основ на камати и 480 000 евра“, рече градоначалничката Арсовска.
Од советниците на ВМРО-ДПМНЕ Арсовска побара објаснување зошто досега не поднеле кривични пријави за каматите.
„Сакам да ве прашам тука, затоа што имаме советници од ВМРО-ДПМНЕ коишто одржаа драматична прес-конференција дека за камати ќе пуштале кривични пријави, дали поднесовте кривична пријава за овие камати? Дали покренавте кривична пријава, бидејќи на прес конференција кажавте дека ќе покренете доколку во одреден спор Градов плател 1 евро камата по основ на она што се случуваше со приватните превозници. Еве тука имате правосилно 480 000 евра камати. Ако не кога ќе ја покренете ме интересира?“, праша градоначалничката Арсовска.
На листата долгови кои треба да ги исплати Градот е и Друштво за транспорт „Гренадар“ со 253 милиони денари и судска постапка со тужба од 16.01.2020 година. Арсовска очекува дека и во овој спор ќе бидат милионски сумите за камати кои ќе треба Градот да ги плаќа.
Побарување од нешто повеќе од еден милион евра од Градот има и за галиите, за тужба од 2020 година во кој асе бара надомест на штета од 68 милиони денари.
„Да не ги набројувам понатака затоа што има доста тука и мора да кажам дека милионски се сумите кои се побаруваат, но исто така милионски се и каматите кои овој град треба да ги плати. Така да овој град во овие изминати 18 месеци е во добра финансиска состојба, финансиски е консолидиран, кредитниот рејтинг ни е задржан со позитивен изглед и имаме драстично зголемување на можноста за кредитно задолжување од 1,2 милиони евра во ноември 2021 година за сега да имаме меѓу 25 и 30 можности за кредитно задолжување“, рече градоначалничката Арсовска.
Извештајот за финансиската состојба на Градот и јавните претпријатија е прва точка на дневниот ред на денешната седница на Советот на Град Скопје.

