Арсовски: Дали Филипче платил 2.5 милиони евра за Клинички центар-Штип за да завршат парите во провизии?

/

Венко Филипче не е министер, а сѐ уште излегуваат скандали за сомнежи за криминал согласно неговото работење изминативе четири години, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, прашувајќи дали ексминистерот платил 2.5 милиони евра за Клинички центар-Штип за да завршат парите во провизии.

„Деновиве од медиумите јавноста дознава дека Венко Филипче искористил вакуум период кога јавноста се занимаваше со смената на Заев и со циркусот што го приредуваше СДСМ, токму Венко Филипче тогаш во тој вакуум период и исплатил на грчката компанија Интракат која го гради Клиничкиот Центар во Штип дури 2.5 милиони евра.

Да поедноставиме, од Клиничкиот Центар во Штип нема ни траг ни глас дека ќе се заврши, веќе 5та година СДСМ како Влада го прави и го завршува, а повеќе од 2 години, замислете, нема ниту мајстори и не е поместена ниту една цигла, не е закована ниту една шајка.

Е сега, откако ЕБРД го раскинува договорот со Интракат заради незавршени обврски за кои се заложиле во врска со изградбата и буквално никој, ама никој тука кај нас во владава не го интересира до каде е изградбата на клиничкиот, Венко Филипче на неколку недели пред одење, односно заминување од функцијата министер за здравство, префрла 2.5 милиони евра за проект кој е незавршен и нема најава дека ќе биде завршен во блиска иднина.

Иако компанијата Интракат била блокирана од страна на судот тука во Македонија, можевме да прочитаме во медиумите дека Граѓанскиот суд, токму оној кој ја блокирал сметката на фирмата за неподмирени долгови на над 600 македонски компании, веднаш по локалните избори кога била извесна оставката на Заев и на Венко Филипче, ја одблокирал сметката на 90 дена на истата оваа фирма и токму во тие 90 дена Венко Филипче исплатил од парите на граѓаните 2.5 милиони евра и потоа си заминал од функцијата.

Фирмата Интракат парите кои и легнале од Венко, наместо да подмирува обврски или да ги употреби за работа на клиничкиот центар, таа ги испумпала од државата надвор.

Прашуваме, дали Бојан Маричиќ како министер и дел од оваа цела операција која што се завршила во рок од 90 дена, ургирал и интервенирал во Граѓанскиот суд да се одблокира сметката на фирмата која го прави клинички?

Дали Венко Филипче свесно ги исплатил парите за кои не знае каде завршиле? Или дали завршиле во изградба во изградба на клиничкиот центар Штип, или пак дали завршиле кај оние 600 компании кои имаат побарувања према оваа фирма?



Дали овие пари, ова е многу важно прашање кое ја интересира јавноста – ќе завршат како провизии кон македонските политичари од власта? Кој инаку би ризикувал да исплаќа пари на фирма која нема шанса да го заврши клиничкиот центар во догледно време?

Дали на Филипче, Маричиќ и Заев воопшто не им е грижа за парите на граѓаните и обврските кон македонските над 600 компании и платиле пари 2,5 милиони евра од буџетските пари за проект кој нема намера да биде завршен ниту пак најава дека ќе биде завршен?

Очигледно е дека ова е операција која ја смислиле откако се свесни дека ќе си заминат од власта. Очигледно е дека 2.5 милиони евра на граѓаните, кои ќе ги остават штипјани без клинички иако ги лажат веќе петта година, ќе завршат во нечии џебови како провизии.

Очигледно е дека воопшто не им била намерата да ја завршат изградбата на клиничкиот центар во Штип, туку на крајот, на заминување од власта да испумпаат пари на граѓаните.

На крај, прашуваме, кога СДСМ конечно ќе го заврши Клиничкиот Центар во Штип? Најпрвин велеа 2019, па 2020, па 2021, па сега велат во 2022, а абер ќе нема уште неколку години, бидејќи сега да отидеме таму сигурно нема ниту еден мајстор кој работи на Клиничкиот центар“, изјави Арсовски.



Претходна статија

Македонскиот амбасадор и дипломат се во скривница во Киев, МНР се обидува да ги евакуира

Следна статија

Путин: Русија е подготвена на преговори на високо ниво со Украина

Најново од Вести