Асоцијацијата на балканските новинарски агенции – Југоисточна Европа има обновена веб-страница
Асоцијацијата на балканските новинарски агенции – Југоисточна Европа (АБНА – ЈE) има обновена веб-страница. Секој ден на страницата се објавува по една информација од сите дванаесет членови на Здружението. Тоа се националните новинарски агенции на Албанија – АТА, на Босна и Херцеговина – ФЕНА, на Бугарија – БТА, на Грција – АМНА, на Италија – АНСА, на Косово – КосоваПрес, на Кипар – КНА, на Романија – АДЏЕРПРЕС, на Северна Македонија – МИА, од Турција – Агенција Анадолија, од Хрватска – ХИНА и од Црна Гора – МИНА.
Ажурираната страница е факт веќе една година откако, на 6 октомври 2022 година, АБНА беше внесена во бугарскиот регистар на непрофитни правни лица во Централниот регистар. Одлуката за регистрација на Здружението беше донесена на 30-то Генерално собрание на АБНА – ЈЕ во Бургас, на кое БТА беше домаќин на 19 септември 2022 година. Тогаш Бугарија стана седиште на Здружението, а генералниот директор на БТА Кирил В’лчев стана генерален секретар на организацијата. За ова со целосно мнозинство гласаа сите претставници на новинарските агенции членки.
Веб-страницата е ажурирана од БТА, по замисла и дизајн на агенцијата, по координација и одобрение од Управниот одбор на Здружението. БТА ја одржува страницата и секојдневно ги објавува информациите од балканските новинарски агенции. Дизајнот поддржува лесно користење од страна на корисниците и брза ориентација. Интерактивна мапа ги прикажува новинарските агенции на земјите членки на АБНА. Сите се претставени подеднакво, по азбучен ред, со знамето на соодветната земја и со информации за контакт.
Идејата за создавање на Здружението произлезе во септември 1994 година на состанокот во Софија на претставниците на информативните агенции од Балканот. Основачкото прво Генерално собрание на неформалната АБНА-ЈЕ се одржа во јуни 1995 година во Солун, Грција. Целта на организацијата е да овозможи развој на соработката меѓу новинарските агенции од регионот, како и да придонесе за воспоставување клима на мир, пријателство и соработка на Балканот.