| |

Атина кон Муцунски: Целосно почитување на Договорот од Преспа, името е Северна Македонија

Целосното, последователно и совесно спроведување на Преспанскиот договор, вклучително и користењето на уставното име на државата пред сите (erga omnes), е од огромно значење за европскиот пат на Северна Македонија.

Ова го изјави министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, на заеднички брифинг со неговиот колега од РС Македонија, Тимчо Муцунски, пренесе БГНЕС. Министерот Герапетритис ги истакна напорите на Грција за забрзување на пристапувањето на државите од Западен Балкан во ЕУ, а особено на РСМ. Тој посочи дека Атина ќе продолжи да ја поддржува европската перспектива на регионот со цел зацврстување на регионалната стабилност и поттикнување на соработката и просперитетот. „Би сакал повторно да ја нагласам поддршката на Грција за европскиот пат на Северна Македонија, врз основа на принципот на условеност и рамноправни резултати, со особено внимание на Основните принципи“, изјави шефот на грчката дипломатија.

За време на нивната средба, двајцата министри размениле мислења за различни прашања од заеднички интерес. „Географијата нè поврзува. Нашите народи стојат еден покрај друг, подготвени да си помагаат и да се поддржуваат во тешки моменти, како при хуманитарни катастрофи. Актите на солидарност ја зајакнуваат меѓусебната доверба и ги зближуваат нашите народи“, посочи министерот Герапетритис. Тој го истакна добрата соработка меѓу Атина и Скопје во различни области како економија, трговија, инвестиции и поврзаност во секторите на транспортот и енергетиката. „Се согласивме да го зајакнеме билатералната соработка во овие области, вклучително и преку „Планот за развој на ЕУ за Западен Балкан“, рече министерот Герапетритис.

Тој ја нагласи улогата на Грција како енергетски хаб во Југоисточна Европа. „Емблематични проекти во областа на енергетиката, како Интерконекторскиот гасовод Грција – Северна Македонија, значително придонесуваат за постигнување на таа цел“, додаде министерот Герапетритис.

Според грчкото МНР, „почитувањето на меѓународното право е од суштинско значење за обезбедување на иднината која се темели на споделен просперитет и траен мир“, пишува локалното издание „Телеграф“. „Меѓусебната посветеност на овие принципи е основа за успешно реализирање на корисни иницијативи и проекти во иднина“, се додава во информацијата.

Пред билатералните разговори, провладиното издание „Катимерини“ напиша дека за време на средбата со Тимчо Муцунски се очекува „Грција да изрази загриженост поради неуспехот на Северна Македонија целосно да го спроведе Преспанскиот договор од 2018 година“.

„Средбата се одржува во услови на зголемен притисок од ЕУ врз Скопје да ги исполни обврските поврзани со процесот на пристапување… Атина ја изразува загриженоста за зголемената употреба на името „Македонија“ без уставното точно име „Северна“ од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министрите од владејачката националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ“, напиша изданието и нагласи: Грчките власти се загрижени и за испуштањето на „Северна“ во јавниот дискурс и државните институции, вклучително и спортските федерации.

Изданието потсети и на зборовите на Сиљановска-Давкова, „дека ако Преспанскиот договор навистина бил од корист за нејзината земја, таа веќе ќе била членка на ЕУ“.

БГНЕС потсетува дека по средбата меѓу Муцунски и Герапетритис во Атина, државната агенција во Скопје ја пренесе веста дека „Атина ја поддржува Скопје на европскиот пат“.

Слични Објави