АВРАМОВСКИ: ВО ГЛАВА МИ Е САМО ВАРДАР И КАКО ДА СТАНЕМЕ ШАМПИОНИ!

Откако дел од албански медиуми објавија вчера дека најдобриот фудбалер во Првата лига и новопечен репрезентативец Даниел Аврамовски од Вардар е цел на тетовска Шкендија во зеимскиот преоден рок, офазивниот фудбалер на скопските црвено-црни посочи дека во моментов не размислува на ништо друго освен на настап за Македонија и на добри мечеви за најтрофејниот македонски клуб.

Според шпекулациите кои вчера беа пласирани Шкендија наводно подготвувала „дебела“ понуда која не се одбива за да го донесе Аврамовски во своите редови, откако членот на златната младинска генерација од Евро 2017 блесна во дресот на Вардар и моментно е најдобар стрелец и предводник на најтрофејниот клуб кој е прволигашки лидер со девет бода повеќе од тетовци, а четири од второпласираната Академија Пандев.

„Моментно сум фокусиран само на репрезентацијата и на клупските обврски и буквално не размислувам на ништо друго, освен да ја подобрам формата и со Вардар да имаме одлични резултати“, вели Аврамовски.

Поранешниот фудбалер на Работнички веќе има интернационално искуство, беше дел од Црвена Звезда, играше за ОФК Београд и Војводина, како и за љубљанска Олимпија, а во јануари годинава дојде во Вардар и во црвено-црниот дрес се врати во препознатливата форма, по што заслужено си доби повик во најсилната репрезентација на Македонија.

„На секој македонски фудбалер приоритет му е со својата посветеност кон клубот и со спортскиот живот да има успеси, да напредува и да заигра за европски клубови, но за такво нешто ми требаат уште многу добри мечеви и секако како екипа пред сè да играме добро и да ја освоиме титулата. Тоа е сон на секој фудбалер“, додава Аврамовски.

Извор: Спорт1