|

Австралискиот премиер: Набавка на подморници поради зголеменото воено присуство на Кина

Австралискиот премиер Ентони Албанес го бранеше планот на Канбера за купување нуклеарни подморници од САД, вредни близу 245 милијарди долари, откако двајцата поранешни лидери го критикуваа договорот за неговата цена, сложеноста и потенцијалните прашања за суверенитетот.
Претставен во вторникот во Сан Диего, повеќедеценискиот безбедносен аранжман „AUKUS“ ќе и овозможи на Австралија да купи американски подморници од класата Вирџинија, пред почетокот на заедничкото британско-австралиско производство на нова класа подморници, SSN-AUKUS, пренесува Ројтерс.

По критиките од Малколм Турнбул и Пол Китинг, двајцата поранешни премиери, Албанес рече дека договорот е неопходен со оглед на зголемувањето на кинеското воено присуство во регионот, кое тој го опиша како најголемо од Втората светска војна.

„Кина го промени својот став и својата позиција во меѓународните односи од 1990-тите, тоа е факт“, рече тој.

Турнбул во четвртокот рече дека проектот „AUKUS“ ќе потрае подолго и ќе чини повеќе од алтернативниот план за купување конвенционални француски подморници, кој заврши со откажување на договорот вреден 66 милијарди долари, што предизвика повеќемесечна дипломатска расправија во западната алијанса.

Пол Китинг, поранешниот премиер на владејачката Лабуристичка партија, во средата ја критикуваше актуелната влада за нејзиното одобрување на безбедносниот аранжман „AUKUS“ и купувањето на американски подморници.

Тој го опиша купувањето на американски подморници како „најлошата меѓународна одлука“ на австралиската лабуристичка влада од регрутирањето во Првата светска војна.

Китинг рече дека посветеноста на нуклеарните подморници во сојузот САД-Велика Британија ја остава Австралија со помалку подморници и ја ограничува способноста на земјата да дејствува независно од САД.

„Ние сме дел од американската политика за задржување на Кина. Станува збор само за една работа: одржување на стратешката хегемонија на САД во Југоисточна Азија“, додаде тој.

Според договорот, САД имаат намера да ѝ продадат на Австралија три американски подморници со нуклеарен погон од класата Вирџинија, изградени од „General Dynamics“, на почетокот на 2030-тите, со опција Австралија да купи уште две доколку има потреба.

Идната генерација на подморници ќе се гради во Велика Британија и Австралија со американска технологија и поддршка.



Слични Објави