| |

АВСТРИСКИТЕ ПРИОРИТЕТИ ПРЕТСТАВЕНИ ПРЕД КОМИСИЈАТА ЗА ЕВРОПСКИ ПРАШАЊА

На денешната 17. седница на Комисијата за европски прашања, со која претседаваше претседателот на Комисијата, г. Артан Груби, беше презентирана Програмата и приоритетите за работата на Австриското претседателство со Советот на ЕУ, во периодот јули – декември 2018 година, од страна на амбасадорката на Австрија во Македонија, г-ѓа Ренате Коблер.

Амбасадорката Коблер ги поздрави историските постигнувања на Македонија во однос на ратификацијата на Договорите со Бугарија и Грција, како и напорите на Владата за спроведување на ЕУ реформите.

Говорејќи за aвстриските приоритети, истакна дека проширувањето со земјите од Западен Балкан останува да биде приоритетна задача за Австрија, но дека како претседавач со ЕУ, земјата ќе се посвети и на сериозни прашања, како имлементацијата на двете европски агенди за безбедност и за миграција, борбата против радикализацијата и насилниот екстремизам, имплементацијата на глобалната стратегија на ЕУ и др.

Во воведното излагање, претседателот на Комисијата, г. Груби, се заблагодари за посветеноста на претходното Бугарско претседателство за евроатлантска интеграција на земјите од Западниот Балкан, како и за досегашната австриска поддршка на нашата земја на патот кон ЕУ и НАТО, во рамките на ЕУ триото со Естонија и Бугарија, која ќе ни биде уште повеќе потребна во следните шест месеци, за време на нејзиното претседавање со ЕУ.

Господин Груби истакна дека нашата посветеност за патот кон ЕУ, се докажа преку консензуалното исполнување на сите приоритетни реформи, заокружувањето на нормативниот дел од Охридскиот рамковен договор, Добрососедскиот договор со Република Бугарија, Договорот за спорот со името со Република Грција и неговата ратификација во Собранието, нo и втората и конечна потврда на тој Договор, којашто ќе следи по три дена во Собранието. Груби рече дека сето ова е постигнато со голема пожртвуваност и посветеност, при што искажа подготвеност за завршување на започнатиот пат.

Вицепремиерот за европски прашања, г Бујар Османи, говореше за досегашните и следните проектирани владини активности, во однос на нивната реализацијата, со осврт на приоритетните реформи, кои ги бара од нас ЕУ.

По темата свои обраќања имаа и претставниците на пратеничките партии застапени во Собранието, координаторот на СДСМ, г. Томислав Тунтев; координаторот на ДУИ, г. Ејуп Алими и претставникот на БЕСА, г. Африм Гаши. Беше потенцирана важноста на Парламентот како место каде што и позицијата и опозицијата треба да работат заедно, со цел да се одржи конструктивниот дијалог, којшто е неопходен за да продолжат реформите во областа на владеењето на правото, безбедносните служби, јавната администрација и функционалната пазарна економија.

На седницата беа поканети и присуствуваа и претставници на невладиниот сектор, дипломатскиот кор и медиумите.



Слични Објави