Австро-Унгарија, Србија и вечната „жед за вода“
Скици и размисли за минатото и реалноста...
Пишува: Владимир Перев
1. Мечти…
Турскиот идеолог на неоосманизмот Давутоглу, во едно од своите излагања говори дека “мечтае за моментот кога брановите на Дунав ќе го будат од утринскиот сон“! Ако Турција која владее со дел од Источнот Медитеран, ја знае “силата на водата“, владеењато со водата и желбата за водени граници, тогаш што ни останува нам, на затворените континентални држави од кои некои, треба да поминат и неколку граници, за да “стигнат до водата“. Давутоглу знаел што сака. Неговата “жед за вода“ е единствено жед за владеење, за отворени пространства, водена заштита и отворени перспективи.
2. Пропаднати величини
Австро-Унгарија е најголемата европска држава после Русија (ако Русија е воопшто европска?!) во периодот од 1867 до 1918 година. Реална унија, двоглава монархија составена од Австрија и Унгарија, со три службени јазици-германски, унгарски и хрватски, со пет признати религии-католицизам, протестантизам, православие, јудаизам и ислам, се распаѓа под налетите на мировните преговори на силите на Антантата во 1918 година. Тоа е цената која ја плаќаат поразените. Огромни територии од “двоглавата монархија“ се вклопуваат во други држави, за сами и разделени да останат Австрија и Унгарија. И двете држави, дваесетина години подоцна, пак заедно учествуваат во Втората светска војна и одново се поразени. Австрија воскреснува и богатее, додека Унгарија, до пред петнаесетина години останува сиромашна полуфеудална (на болшевичките гаулајтери) земјоделска држава со социјалистичка индустрија која не чини ни пет пари. И двете држави имале морнарица лоцирана на Јадранот, но од 1918 година го губат и Јадранот и морнарицата. Останува само ненадоместената жед за вода и излез на вода.
3. Лажен подем
Србија е спротивниот пример. Таа е победник и во двете светски војни, па од мало сиромашно кралство, станува лидер на Југославија-18 милионска нација во полн економски и социјален подем. За прв пат во својата современа историја Србија излегува на море во 1918 година како југословенска заедница, но тогаш за прв пат србите пробуваат “солена вода“ и долги години ги чувствуваат привилегиите од отвореното море и новите пријателства…и непријателства! По крвавиот распад на СФРЈ и со независноста на Црна Гора од 2006 година, Србија го изгуби “вкусот на морето“
4. Надежи
“Да ти даде Бог да имаш, па да немаш“, вели една стара поговорка. Србија, Австрија и Унгарија сеуште го имаат неотсонуваниот сон за излез на море. Распадот на СФРЈ и поделбата на Чехија-Словакија ги возобновија никогаш заборавените амбиции за море. Потхранувањето на тие влажни соништа, како и секогаш, доаѓа од империјалната Русија, вечно жедна за топло море, вечно воинствена и вечно успешниот продавач на илузии на малите народи од Балканот. Во високите австриски државни кругови има латентен путинизам, понекогаш отворено прикажан, но Орбан, Вучиќ и нашиот Мицкоски се буквално робови на империската руска пропаганда, разузнавање и солдатеска во подем.
5. Лажни слогани и вистински кукли
Два политички слогани се основата на целата српско-македонска политика. Едниот е “Косово е српско“, слоган на српските националисти, и вториот е “Не виткаме кичма пред бугарските барања“, слоган на македонистичките “патриоти“. Вучиќ и Мицкоски успешно манипулираат со масите со овие два слогани, но во суштина, тие се кријат зад нив, ја кријат сопствената неспособност за визија кон една одржлива иднина, која би требало вистински да ја поддржуваат. Ако еден ден по некоја историска иронија Косово навистина стане пак српско, Србија нема да знае што да прави со него. “Бугарите во Уставот“ е слоган кој ако се реализира, само ќе створи дополнителни размисли во самата Бугарија и кај македонските бугари. Творецот на овие два слогани е Москва, а целта е никогаш да не се остварат. Со Путиновите пари сите нас не менаџира Орбан, сите нас-мислам Вучиќ и Мицкоски. Тие се неговите “кукли на конец“! Воопшто не треба да се тревожат заради опстојувањето во власта. Само нека бидат послушни и остануваат вечно…вечни ќе им бидат и едноличните медии!
6. Надежи за воскреснување
Русија никогаш не ги одржала своите ветувања, но Орбан се надева дека преку Путиновите амбиции, со нова “советизација/русизација на балканската зона“ повторно ќе излезе на море. Повторно ќе има морнарица и адмирали, како оној несреќен Хорти. Руските и кинеските пари се основата за реализацијата на надежите, а кратковидоста и поводливоста на македонските и српските политичари се гаранција на неговиот успех. Медиумите – електронските, пишаните, порталите, ботовите на социјалните мрежи, како и телевизиите и радијата се основното оружје со кое Орбан и Русија располагааат. Нивната основна цел е да држат некаква “контролирана нестабилност“ на позициите на лидерите во Србија и Македонија, за да ја контролираат ситуацијата во целост.
7. Неслобода во медиумите
Во Македонија и Србија има само неслободни медиуми, а некои од нив се во ропска потчинетост на Орбан-Москва. Преку слоганите за Косово и свитканата кичма, тие ја одржуваат ситуацијата на ниво до експлозија, но без експлозија. Истите медиуми промовираат ткн. шарени револуции, за истите тие потоа да ги загушат. Орбан креира нестабилни ситуации, за потоа истите негови медиуми да ја поддржуваат власта и да бараат стабилност. Тоа е ситуација каде Унгарија се покажува како величина која умее да се спротистави и внатре во ЕС, за да ја прикаже својата лажлива величина на слабите српско македонски политичари. Патот на парите на нашите медии е смрдливата патека на неспособноста на нашите политичари.
8. Цената на пријателството
Унгарија и Србија никогаш нема да излезат на топло море, па макар како и да се прекројува картата на Европа. Орбан само во Војводина ѝ има фрлено на унгарската дијаспора околу една милијарда евра во последниве две-три години. Орбан е вистински европски аутсајдер, ама унгарската дијаспора е најбогатата во цела бивша Југославија и при секој политички земјотрес, ќе биде готова да дејствува. Тогаш Вучиќ ќе ја запознае цената на унгарско-српското пријателство. Македонија ќе може да стигне до саканиот Егеј, само со прифаќање на Преспанската реалност, без скриени одмазднички намери. За Турција “на Дунав“ не се знае…
9. Дунавски “бранови“ и будења
Неоосманизмот е пред нашите врати, а турските серии се нашето “културно воздигнување“ Времето соодветствува со историското време од битките на Марица и Косово…истата балканска поделеност и странски замешателства. Да не се чудиме ако Давутоглу навистина стигне да се буди со таласите на Дунав, безразлично дали тоа ќе е во Русе, Видин или Белград. До Будимпешта нема да стигне, таа е резервирана за пропаднатите амбиции на македонските политичари. Со утринското кафе, најслатката литература ќе му бидат весниците напишани на кирилица, како сведоштво на туѓата продажност и глупост…
Треба да сме смирени, работите, барем повеќето, веќе се решени…треба само да чекаме…робството на духот е вечно!
