„Балканската Швајцарија“ и македонскиот апсолутизам
Владимир Перев
1.
Некаде во пеесетите години од минатиот век излезе (тогаш) капиталното дело на Ванчо Михајлов “Македонија-Швајцарија на Балканите“. Напишана е прво на бугарски во Рим, за потоа да биде преведена од Christ Anastasoff од Сент Луис, САД на англиски, па потоа да следат бугарските преводи. Книгата веднаш се најде на списокот на забранети книги од страна на Јавното Обвинителство на ФНРЈ, а во Македонија речи си никој ја немаше. Потоа, со патувањата на прилепчани, битолчани и охриѓани во странство, книгата полека ја минуваше словенечката граница и можеше да се најде и прочита и кај нас. Претежно, ја носеа повисоките функционери во стопанството, поточно ја шверцуваа заради намалената внимателност кон нив. Од 1963 година, книгата ја имаше речи си насекаде, иако полицијата и агентите се трудеа да го земат секој примерок. Поснаодливите книгата ја нарачуваа на своите хрватски пријатели, тие ја набавуваа и ја носеа во летовалиштата каде беше преземана. Тоа беше такво време. Потоа беше преведена на македонски јазик и во 2001 година беше објавена во Скопје. Денес ја нема никаде, на Интернет врската е “мртва“, за одново да стане некаков раритет.
2.
Таа книга, од речи си 105 страници ја прочитав на бугарски за една ноќ во моите студентски години и останав фрапиран, како од содржината, така и од студиозноста на авторот Михајлов. Се разби митот во моите очи за “вечната среќа“ на швајцарците да живеат богато, слободно и невознемирувани од никого. На почетокот на анализата за Швајцарија, Ванчо Михајлов пишува за крвавите војни водени до истребување, за националните несогласувања на швајцарците, за борбите католици-протестанти и за вечниот повеќевековен немир на тој народ/тие народи, за дури кон средината на 19-от век да го најдат својот мир и просперитет. Разделени меѓи две воинствени религии, католицизам и протестантство, разделени на четири нации со различни јазици: германци, французи, италијани и малкуте (но признати и почитувани) ретророманци, тие низ борби но и низ договори и преговарања, го најдуваат својот мир и просперитет.
3.
По 1990 година и распадот на СФРЈ, не знам кој прв се повика на терминот Македонија-Швајцарија на Балканот, ама тоа сигурно беше некој од опкружувањето на Љубчо Георгиевски, може би и самиот тој. Болшевичката врхушка околу Киро Глигоров веднага одговори со напади кон позициите во книгата, тврдејќи дека таму, кај Ванчо Михајлов “нема“ македонци, ами има само бугари, турци, грци, албанци и власи. Глигоров одговори со глупавиот термин “еквидистанца“ кон соседите, отворајќи ги вратите за силно српско (и грчко) влијание и организирајќи погроми врз албанците и македонските бугари. Потоа се промовира идејата за унитарна Македонија која требаше да ја промовира македонската надмоќ над сите други, за конечно да заврши со прашањето за албанскиот јазик и нејасната квота од 20% за употреба на јазикот на друг ентитет. Потоа одново беа пуштени на најјако комунистичките фрази за “братство и единство“, додека крвавата војна во Југославија земаше залет.
Но, да се вратиме на Михајлов.
4.
Книгата прво е објавена на англиски, со воведен збор на проф. Џон Бејклес, во време на сериозни судири и Студената војна, но и време кога Тито и Југославија се вртат полека кон Западот. Книгата во себе ги носи демократските достигнувања на западниот свет, но и визија за една среќна и просперитетна Македонија. Во неа има и една леко агресивна нотка-Михајлов се служи со податоци за населението од сите три дела на Македонија, преферирајќи формирање на единствена држава, за која народите ќе решат дали ќе биде кантонална или унитарна…но правата на сопствена историја, јазик и иднина, на сите треба да бидат заштитени. Ванчо Михајлов работи со бројка од 66 илјади квадратни километри и население по број од сите три дела на географска Македонија. Така, тој дискретно ја промовира својата омраза кон бугарскиот комунизам и русофилство, како и желбата да ги “подмири“ сметките со Грција. За Србија и Југославија говори дека се тоа аутсајдери и окупатори, кои не треба да имаат никакво влијание врз македонското прашање и неговото решавање.
5.
Книгата е читана и проучувана од сите светски политичари, но македонските раководители, од Колишевски до Глигоров не смогнаа сили да ја разгледаат опстојно. Посебно не беа прифатливи националните позиции на Михајлов и правото на еднаквост. Желбата за “мононационализам“ во македонскиот (православен фундаменталистички) блок, ги блокираше сите нивни напори. Затоа се роди и апсолутизмот, болест од која боледуваа не само Колишевски и комунистите, туку и посткомунистите како Глигоров, Стојан Андов, Никола Груевски, за да сега тоа го достигне својот апогеј со Христијан Мицкоски. Наложителното говорење и непочитувае на туѓите права, може да мине кај македонските бугари или кај македонците, делимично кај србите и турците, но не може да мине кај албанците. Толку посакуваната “унитарна и единствена“ држава почнува да “пука по шавовите’ и нам ни се појавува сеништето на сепаратизмот, или најмалку кантонизацијата.
Повторно се враќаме на Михајлов!
6.
Ваква држава, со многубројна полуписмена администрација, неспособна за дигитално општење, администрација која не го знае добро ни својот мајчин јазик, не може да донесе просперитет, ниту на земјата, ниту на народот. Да бидам јасен, тоа се однесува на сите националности и етнички групи вгнездени во административната “ламја“ која ги цица нашите последни живототворни сокови. Во “мечтаната“ Швајцарија не можете да бидете ниту оппштински чиновник, ако не знаете барем два од четирите јазици таму, плус англискиот. Да нема забуна, Михајлов покрај бугарскиот перфектно говорел француски, турски, италијански, а одлично се служел со српскохрватскиот и шпанскиот. Тој знаел каква треба да биде Македонија и нејзина администрација.
7.
Последните протести на студентите албанци (поддржани од колегите на Косово и Албанија), ја отвораат Пандорината кутија за единството на јазиците и правото на мајчин јазик. Тука не помагаат авторитарните изјави на македонските раководители за “државниот“ јазик и бројноста на населението. Овде не се говори за бројки и проценти, туку се бараат демократските придобивки кои треба да и следуваат на една многунационална држава и тој процес нема да запре. Нашиот Устав е така конципиран, што тие права произлегуваат од самата негова суштина. Што ли ќе стане кога и бугарите ќе влезат во Уставот, па заедно со хрватите, србите, власите и ромите ќе ги бараат своите права на јазик во медиите, права на соодветна јавна служба, места во раководството на државата и слично. Тоа на Македонија и се закажува, тоа е тука некаде, “зад брегот“ и само прашање е дали и како македонското раководство ќе ја реши работата.
8.
Приказните за “фашизмот“ на Ванчо Михајлов, како и оние дека македонците потекнуваат од Сонцето, легендите за Александар Македонски, приказни на политичките (а некои и “научни“) мешетари, се тотална глупост, која треба отворено да се осуди. Останати затскриени зад силата на полититиката и собствената бескарактерност, некои од нив направија милиони, но некои и завршија во затвори или емиграција.
Михајлов бил човек на своето време и денес би било сосема несоодветно да се тврди дека нема македонска нација и јазик. Напротив, ги има, тоа го вели и Тодор Живков на Мартовскиот пленум 1963 година, ама за целиот научен свет остануваат прашањата за историскиот досег на таа нација и за нејзиното опстојување денес.
9.
Таа книга од само стотина страници, треба одново да се издаде и да им се даде како лектира на сите македонски политичари од сите партии и нации. Заборавете го Михајлов и не го споменувајте. Ако за некои бил “фашист“, за другите бил “ангелот одмаздник“ и надежта на генерациите од 20 те до педесетите години од минатиот век…неговата книга треба да биде патоказ кон демократијата и меѓусебното разбирање!
Постои и друг начин на меѓусебно “разбирање“. До сега тој начин не даде резултати, освен распадот на Југославија во два наврати…третиот пат ќе биде трагедија за Македонија.
