„Балкански мост“ со реакција по информациите за напад врз претседателот на здружението на Бугарите од Струга Бекир Кадриески
Здружението за култура, образование и традиција „Балкански мост“ од Битола побара надлежните институции да ги испитаат информациите за нападот врз претседателот на здружението на Бугарите од Струга, Бекир Кадриески, и доколку случајот биде потврден, сторителите да бидат идентификувани и да одговараат согласно законот.
Од „Балкански мост“ соопштија дека, според информациите со кои располагаат во моментов, Кадриески бил нападнат денеска (9 август, бел. уред), при што нагласуваат дека очекуваат институциите да ги утврдат сите факти и околности поврзани со случајот.
„Кој во оваа држава си дава за право да одредува кој може, а кој не може да живее во Република Северна Македонија?“, прашуваат од здружението во својата реакција.
Оттаму посочуваат дека сите граѓани, согласно Уставот, треба да бидат рамноправни пред државата и пред законот, без оглед на нивната национална, верска или друга припадност и лично самоопределување.
„Никој нема право да се прогласува себеси за поголем патриот или за граѓанин од „прв ред“ во однос на другите“, се наведува во соопштението.
Од здружението оценуваат дека насилството и говорот на омраза кон лица поради нивниот идентитет се неспоиви со демократските и европските вредности.
„Европската иднина не се гради само со зборови, декларации и политички говори. Таа се гради со почитување на човековото достоинство, еднаквоста, различностите и правото на секој човек слободно да го изразува својот национален и личен идентитет“, наведуваат од „Балкански мост“.
Во реакцијата се повикува и на еднаков третман на сите заедници во земјата.
„Без разлика дали некој е Македонец, Бугарин, Албанец, Турчин, Влав, Србин, Ром, Бошњак или припадник на која било друга заедница — пред државата и пред законот сите мора да бидеме рамноправни граѓани на Република Северна Македонија“, се истакнува во соопштението.
Од „Балкански мост“ порачуваат дека заедничката иднина на сите националности и заедници во Северна Македонија е единствениот пат напред и апелираат на меѓусебно почитување и мирен соживот.
„Насилството никогаш не смее да биде одговор на различноста“, нагласуваат од здружението.
На крајот, „Балкански мост“ повторно ги повикува надлежните институции да го испитаат случајот и, доколку информациите за нападот бидат потврдени, одговорните лица да бидат идентификувани и санкционирани согласно законот.

