| | |

Ако Ива не може во Бугарија, можат ли бугарски доктори да ја прегледаат овде?!

Атанас Величков

На 9 август од градoт Варна, претседателката на Бугарија и врховен командант на бугарската армија Илијана Јотова во изјава пред новинарите соопшти дека очекува одговор од власта во Скопје во однос на прашањето за лекувањето на бугарската државјанка Ива Михаилова од Кочани.

Без да навлегуваме во детајли за случајот „Михаилова“ за кого Бугарската национална телевизија редовно ја информира јавноста во Бугарија, би сакале да ја истакнеме идејата на бугарската претседателка тим од бугарски лекари да ја прегледаат Михаилова во Северна Македонија, без да има потреба таа да ги напушта пределите на државата.

Како што стана јасно на 7 август и покрај, фактот што Михаилова приложила мислење од лекарски конзилиум, дека треба да се лекува со метод што не се применува во болниците во РСМ, судот го одбил барањето со образложение дека лекарскиот конзилиум не наведува ништо ново и дека, поради тоа, нема потреба да се укине забраната таа да го напушта Кочани.

По донесената одлука од страна на судот во Кочани, бугарското Министерство за надворешни работи излезе со официјална позиција во која инсистира Ива Михаилова да добие пристап до навремена и соодветна медицинска грижа, со цел да се избегне реалната опасност од трајни оштетувања со неповратни последици врз нејзиното право на достоинствен живот.

Денеска (10 август) претседателката Јотова повторно ќе ја повика Владата на Република Северна Македонија да помогне во лекувањето на Михаилова. Јотова вчера јасно истакна дека уште очекува одговор на нејзиниот предлог бугарски лекари да ја прегледаат Михаилова, без таа да има потреба да го напушта Кочани, како што гласи одлуката на надлежниот суд.

Некаде таму меѓу насмевките пред камерите и досетките за тоа на каков јазик сака да и бидат поставени прашањата на претседателката Сиљановска-Давкова по нејзината средба со Јотова пред два месеци во Софија, останува отворено прашањето за пред се хуманиот предлог на бугарската претседателка поврзан со Михаилова и нејзината здравствена состојба.

Одговор на тоа прашање сѐ уште нема. Најверојатно поради фактот што истиот не може да биде даден со цитат од некој познат бугарски автор или пак со нескриен восхит од вештината на Софиската опера и балет. Ако беше возможен таков одговор, не се сомневаме дека претседателката Сиљановска-Давкова ќе го дадеше. Но, не треба да забораваме дека истиот и не се бара од неа. На потег е власта во земјата, а дозволата бугарски лекари да ја прегледаат Михаилова, без таа да ја напушта државата, по никаков начин, не ја загрозува поделеноста на властите и не е во колизија со одлуката на судот во Кочани.

Историјата памети не еден или два случаи во кои Бугарија излегувала во пресрет на македонски државјани кога станува збор за проблеми од хуманитарен карактер. Овде, можеме да ја потсетиме македонската јавност на лекувањето на настрадани од трагедијата во Кочани пред повеќе од една година, а и илјадниците македонски државјани, кои се прибраа дома преку Бугарија за време на Ковид кризата. Нема потреба да влегуваме во детајли и за солидниот број приватни случаи во кои бугарски високи државни службеници помогнале на свои колеги и не само, кога се работело за проблеми поврзани со образование, повторно за жал здравствени проблеми и др.

Господата Мицкоски и Муцунски имаат прекрасна прилика да покажат дека навистина сакаат да градат добрососедски односи со Бугарија. Никој не бара од нив, тие да се мешаат во одлуките на судската власт. Станува збор за случај од хуманитарен карактер, кој за среќа е многу далеку од нашите „братски оставински постапки“. Се работи за здравјето на еден млад човек.

Слични Објави