Банско во првите 25 зимски одморалишта во светот и за 13-ти пат во низа е најдобро зимско одморалиште во Бугарија
Месец пред официјалниот старт на својата 23-та зимска сезона, Банско повторно ја потврди својата репутација и за 13-ти пат беше избран за најдобро зимско одморалиште во Бугарија од најпрестижната туристичка организација – Светските ски-награди, јавува Пиринско.
Малото планинско градче ја доби статуетката што во ски-индустријата се смета за еквивалент на „Оскар“, влегувајќи меѓу 25-те најдобри зимски дестинации во светот.
Во 16-неделната онлајн трка учествуваа 211 врвни локации од пет континенти, а своите гласови преку сајтот Worldskiawards.com дадоа околу 4,3 милиони луѓе од повеќе од 143 држави. Ова го направи изборот најголемиот во индустријата и еден од најмасовните глобални туристички избори воопшто.
„Горди сме што овој ’Оскар’ во ски-туризмот го освоивме 13 години по ред, затоа што тоа придонесува не само за имиџот на градот, туку и на Бугарија како дестинација за луксузно ски-искуство со врвна услуга по исклучително атрактивна цена“, изјави маркетинг-директорот на „Јулен“, Иван Обрејков.
Во новата сезона Банско повторно ќе биде домаќин на Светскиот куп. На 17 и 18 јануари 2026 година, под Тодорка ќе се одржат трките во алпски сноуборд со учество на најдобрите во светот, меѓу кои и бугарските ѕвезди Радослав Јанков, Тервел Замфиров и Малена Замфирова. Овие трки се последни што носат квалификациски поени за Олимписките игри во Милано и Кортина.
