БЕЛАТА КУЌА ОДВОЈУВА 10 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ЗА КАМПАЊАТА ЗА ВАКЦИНАЦИЈА
Белата куќа објави дека одвојува дополнителни 10 милијарди долари со цел охрабрување на кампањата за вакцинација во места каде што живеат малцинства, луѓе со ниски примања и во руралните делови на земјата.
Програмата ќе биде финансирана преку пакет помош од 1,9 трилиони американски долари, усвоен од Конгресот на почетокот на овој месец.
Локалните здравствени центри ќе бидат финансирани за проширување на вакцинациите против Ковид-19, за тестирање и други превентивни здравствени мерки за населението кое има поголем ризик од коронавирусот.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден, рече дека тие центри исто така можат да ги користат средствата за подобрување на инфраструктурата и додавање на мобилни единици.
Администрацијата на Бајден додаде дека одвојува три милијарди долари за да се поттикне довербата во вакцините.
Средствата што ќе бидат распределени меѓу 64 области можат да ги користат руралните, верските организации, непрофитните организации за да помогнат со храна и сместувањето во многу сиромашните заедници, да воспостават контакти од врата до врата и да се обидат да ги едуцираат оние што ги исполнуваат условите за да закажат вакцинации.