Бесими на средби во Трезорот на САД – Поддршка од САД за развој на капацитетите за управување со јавните финансии и сузбивање на сивата економија
13 октомври, Вашингтон – Канцеларијата за техничка помош на Трезорот на САД (ОТА) е подготвена да го поддржи развојот на капацитетите за управување со јавните финансии, како и борбата против сивата економија и политиките за спречување перење пари.
Ова беше дискутирано на средбата помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и заменик-помошникот на секретарот за техничка поддршка во Трезорот на САД, Вилијам Лари Мекдоналд во Вашингтон.
Министерот Бесими истакна дека изминативе години Владата на РС Македонија активно работеше на мерки и планови за намалување на неформалната економија, во чиишто рамки е и Акцискиот план за сузбивање на сивата економија изработен од страна на Министерството за финансии. Дополнително, новиот Закон за буџети е клучна реформа што се спроведува во јавните финансии со цел да обезбеди рамка за водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика. Техничката помош од САД во овие активности би била од клучно значење.
Воедно на средбата се разговараше и за можностите за продлабочување на економската соработка и реализацијата на нови проекти во соработка со УСАИД и Амбасадата на САД во земјава.
Двете страни се согласија дека во моментов приоритетно е справувањето со енергетската и ценовната криза со истовремено одржување на макроекономска стабилност, а во таа насока е новиот сет на мерки донесен од Владата.
Во рамки на Годишните состаноци на ММФ и Светска Банка, министерот Бесими ќе оствари средби и со извршниот директор на Светска банка, Кун Давидсе, потпретседателот на Светска банка, Ана Бјерде, како и со извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и директорот на Одделот за Европа на ММФ, Алфред Камер.
Извор: centar.mk