| |

БГНЕС: Режимот на Мицкоски регистрираше здружение ВМРО-ДПМНЕ – Србија со седиште во Нови Белград

Во Србија е регистрирано здружение под името на владејачката партија во Скопје, предводена од премиерот Христијан Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ, јавува БГНЕС.

Од официјалните документи на српскиот трговски регистар јасно се гледа дека „Движењето ВМРО-ДПМНЕ – Србија“ е основано од лицето Марјан Јованоски на 25 август, а во регистарот е запишано на 18 септември.

Седиштето на здружението (организација засновано на членство) е во Нови Белград.

Локалните извори велат за БГНЕС дека Јованоски имал забележителен развој на кариерата во времето на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, вклучително и важна функција во младинската организација на партијата.

Јовановски е поврзан со македонските безбедносни служби, тој бил и на функција во македонската амбасада во Белград. Тој е близок со поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и актуелниот вицепремиер Александар Николоски.

Во статутот на „ВМРО-ДПМНЕ – Србија“, со кој располага БГНЕС, пишува дека целта на здружението е „поттикнување и популаризација на македонската култура, историја и посебност“.

Меѓу главните цели е: „подобрување на македонско-српските односи и соработка“. Печатот на здружението е на српски јазик.

БГНЕС потсетува на напишаното во јули 2015 година во едно од најавторитетните француски изданија „Монд дипломатик“- „македонскиот премиер Никола Груевски се врза за Москва, но и за Белград, што е целосна иронија, со оглед на тоа што тој е наследник и дел од пробугарската политичка традиција на ВМРО, која е и антисрпска“.

Слични Објави