БИДЕТЕ МАЛКУ ПОТРПЕЛИВИ И ПОРОМАНТИЧНИ-ЕБАВАЈТЕ СЕ НА СВЕЌИ

Таман на време го пуштија своето ремек дело Џамбо Агушев и Сања Барбика, за да ни го одвлечат вниманието од солидното 7,4 % – тно зголемување на сметките за струја и секако од списокот со фирмите што добиле помош од државата за исплата на плати на своите работници, но ете заборавиле милите…

Поскапувањето на струјата го побарале сите електро-енергетски компании заради проблемите што ги предизвикала кризата со коронавирусот Ковид-19. Станува јасно дека ЕСМ има намалување на приходите од продажба на вишоци на електрична енергија од 17 милиони евра, а МЕПСО пак намалување на приходите од 11 милиони евра.

Како тоа коронакризата им предизвикала проблеми на електро-енергетските компании кога сметките за струја си доаѓаа уредно на адреса и исто така уредно поголемиот дел од граѓаните си ги платиле истите сметки, бидејќи ако не го направат тоа, знаеме сите што следува нели.

Останува евтината тарифа да не се секирате од 14 до 16 кога повеќето луѓе се на работа и во недела до 7 наутро во понеделник, кога сите треба да се избањаме без да ни е гајле дека бојлерот пука…

Тоа ни го соопштуваат во стилот, добро бе дечки што се буните можевме да ви ја рокнеме евтината, ама не го направивме, каде ви е благодарноста, знаете само да серете по социјалните мрежи.

Неделата си останува ден за бањање, а МЕПСО таа скривница за скапоплатени партиски испрдоци, шваљерки на поранешни генерални секретари и синчиња на екс пратенички на дизел, треба некако да го покрие тоа намалување од 11 милиони евра на приходите.

Мисли ли овој разгален народ за осетливите МЕПСО-вски задници?

Не мисли!

Да мислеше, ќе му текнеше дека е потребно освежување на фотељите од телешка кожа од тендерот пред година и половина.

Од 1 септември сите ние редовните плаќачи на струја, кои нели не искачаме често во кафеана пошо сметките не ни го дозволуваат ќе си плаќаме за 7, 4 % поскапа струја. Ако не ни одговара имаме неколку опции.

  • Првата секако е да искочиме на улица и да ја побараме правдата таму, па макар и нѐ нарекле „небањати вмровци“ лесни за купување задници како Васиљ, Пасуљ и сличните нему, кои нели бутнаа режим со пенкало и си се наместија на државно.
  • Втората опција е трпеливо да се запасиме со свеќи и без многу плачење да видиме како им било на браќата Албанци и Бугари под власта на другарите Енвер Хоџа и Тодор Живков.
  • Третата е најмодерна, но за жал тешко остварлива за повеќето од нас, децата израснати во транзиција, а имено поставувањето на сончеви панели. Тоа е скап зафат без разлика дали е субвенциониран или не. Тука за жал не се работи за  чистење оџак или за купување точак.

Ние сме на потег…

Во однос на фирмите кои добиле помош од државата за да исплатат плати на вработените за април и мај годинава заради коронакризата, можам слободно да кажам дека после нивното објавување, газдите и газдариците на истите тие фирми добиле остра болка во пределот на гениталиите.

Некои левичари на дување што не знаат што е тоа мотика и од која страна се фаќа почнаа да квичат дека ете тоа било вистинското лице на капитализмот. Каде видоа капитализам во Македонија не знам, ама не им се мешам.

Во нормалните капиталистички земји, државата стои далеку од бизнисот и не му смета да се развива. Таму државата не е главен играч на пазарот и фирмите на капиталистите во нормалниот свет не преживуваат од тендер до тендер. Во нормалните капиталистички земји никој не лепи плакати и не јаде лајна на фејсбук и твитер за да се вработи во државна институција. Во нормалните капиталистички земји има закони кои го штитат работникот и секој час труд му е платен. Одиш на работа, те бидува остануваш, не те бидува ти велат не доаѓај утре, но секоја ебена минута што си ја поминал на работното место ти е платена и ниту еден приватен газда не смее да ти скрати од тоа што ти следува, бидејќи после, токму државата ќе биде таа со која ќе се расправа. Тоа е капитализам драги мои целуфанени левичари што наместо на Џена Џејмисон дркате на Тереза Орловски. Многу далеку сме ние од капитализмот за жал.

Дали можеше парите наменети за плати на работниците да бидат исплатени директно на нивните сметки?

Можеше!

Ако државата директно исплатеше финансиски средства на сметките на работниците, немаше сега да ни биде интересно и да си фаќаме сеир со фирми како „НОВА БОКИ 2014 ДООЕЛ УВОЗ-ИЗВОЗ С. МАНАСТИРЕЦ од Македонски Брод, чиј газда например добил пазете 43, 500 денари за април, за да исплати плати на 7 вработени. Империјата на Илон Маск троши астрономска количина на тоалетна хартија од страв пред тигрите од Поречието. Капиталисти? Ма немој да ме јебеш бре што би рекол Кили.

Да беше државата држава, немаше да дозволи некој дури да си помисли да ги злоупотреби нашите пари. Затоа оладете малце со антикапиталистичките филмови.

Сосема за крај брзам да внесам малку оптимизам во мојот скромен напис.

Од септември се очекува да продолжат средбите меѓу македонските и бугарските историчари за да откриеме најпосле што галиба бил Гоце Делчев.

Во какафонијата од патриотски врескања и повици за општење со сите Бугарки што ја населуваат земјината топка нема ни да ги приметите повисоките сметки за струја. Нема да се сетите ни за Нова Боки од Манастирец, не се секирајте.

Државата е тука за да се грижи за вас, а вие бидете малку потрпеливи и поромантични, ебавајте се на свеќи.

Автор: Атанас Величков