| |

Протиќ: Политиката на Слободан Милошевиќ заврши катастрофално за Србите, а денешната власт во Белград е нејзин директен наследник

Историчарот Милан Протиќ смета дека Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина нема да излезат од наследството на војните од 90-тите додека секој народ не се соочи со сопствената одговорност, наместо да чека другата страна прва да ги признае своите злосторства, пишува БГНЕС.

Говорејќи за операцијата „Бура“, која во Хрватска се слави, а во Србија се одбележува со тага, Протиќ рече дека во војните „никој не излегува со чисти раце и чиста совест“. Според него, политиката на Слободан Милошевиќ завршила катастрофално за Србите, а денешната власт во Белград е нејзин директен наследник.

Тој потсети дека пред повеќе од три децении околу 200.000 луѓе загубиле сè, а многумина и животот, нагласувајќи дека „злото на другиот не може да биде оправдување за злото направено од наша страна“.

Протиќ смета дека Србија никогаш немала храброст трезвено да ја разгледа сопствената политика, одговорноста и последиците од 90-тите. Според него, трагедијата можела да се избегне со мирно разделување на југословенските народи, бидејќи „во моментот кога некој избра тоа да го спречи со војна, се отворија вратите на пеколот“.

Тој оцени дека Белград ги отфрлал сите можности за компромис, меѓу кои обидот на Јован Рашковиќ со Јосип Бољковац, планот З-4 и мислењето на арбитражната комисија на Робер Бадентер, по што Србите во Хрватска биле оставени во немилост.

Протиќ ги обвини српските власти дека страдањето на бегалците го користат за политички цели и дека ни по 30 години не покажале вистинска грижа за нив. Тој го критикуваше и присуството на претставници на паравоената единица „Црвени беретки“ на поменот во белградската црква „Свети Марко“.

Изјавата на патријархот Порфириј во Мркоњиќ Град ја оцени како „изненадувачки добра“, но додаде дека неговите досегашни постапки и однесувањето на Српската православна црква сè уште не ги потврдиле тие зборови.

Слични Објави