БИТКА ЗА ПРЕСТОЛОТ, ЧИН ВТОР: ВАРДАР ЌЕ И ДОКАЖУВА НА ШКЕНДИЈА ДЕКА Е – ПЕЧЕН ЗА ШАМПИОН!
Есенската полуетапа од оваа сезона дојде до својот крај, со денешното последно 18-то коло (13 часот), во кое шлагворт е вториот чин од битката за шампионскиот трон на есенскиот првак Вардар и актуелниот шампион Шкендија, пресметка која сигурно нема да го даде идниот фудбалски владетел, ама ќе го покаже правецот по кој ќе тргне пролетната етапа од 16 февруари догодина.
Најтрофејниот македонски клуб е пред голем предизвик огромните осум бода пред Шкендија како главен ривал да ги претвори во цели 11, ако успее после 11 меча пост и 26 месеци првпат да го победи големиот ривал. Вардаровите навивачи заборавија како е да се слави против најлутиот противик во последните пет години, па „потценетата генерација“ на Александар Васоски сега има еден куп мотиви извонредната полусезона да ја заврши на најубав начин со триумф над тетовци и со најава дека на пролет од пол-позиција со добра зимница ќе тргнат во офанзива за да го вратат трофејот во своите витрини по две лоши сезони. Мотивацијата кај вардарци е уште поголема зашто најверните навивачи денеска слават три јубилеи, па спектаклот и поддршката им е загарантиран, за на крај сите заедно да ја прослават веројатно најслатката победа, зашто вардарци предвреме беа отпишани, а Шкендија запишана како старо-нов шампион кој ќе се прошета сезонава до трофејот.
Како и да заврши денешното дерби, шампионска титула сигурно нема да се слави, зашто во игра има уште 54 бода во пролетните 18 кола, а на крај на крашитата многу и ќе зависи од расплетот зимава на низа неизвесности надвиснати и над Скопје и над Тетово. За Вардар е неизвесност дали ќе се засилува, зашто веќе со месеци кулоарски се најавува некакво укинување на суспензијата за трансфери, а на црвено-црните и тоа како им е неопходно освежување и зголемување на конкуренцијата, зашто двојно потежок ќе биде патот напролет. Во Тетово неизвесноста е кој сè од големите имиња ќе си оди после најавата за сериозно кратење на буџетот во клубот и какви новајлии би дошле за да го поправат тоа што се расипа есенва и дали воопшто тимот ќе биде кадарен за да нападне трета шампионска круна во низа.
Но, што и да се случи, јасно е дека Вардар на пролет ќе треба секако да биде подобар од тоа што досега го покажа за да ја оствари целта, додека Шкендија ќе се обиде денеска да ја намали предноста за по зимската пауза и подготовките да ја покаже моќта за евентуален хет-трик на титули. Тоа што двата клуба есенва го покажаа со кризни ситуации, е потврда дека бодовното салдо по дербито нема да смее да ги фрли во екстаза, ниту воочај, зашто за круната има уште многу да се игра, а секое бодовно салдо лесно се топи, а двата ривали веќе нѝ покажаа дека се склони кон резултатски кризи.
Пред Вардар е шанса извонредната есен да се заокружи на најдобар начин, а пред Шкендија шанса да го намали притисокот врз себе, но Вардар ја има шансата денеска да ѝ докаже на Шкендија дека е печен за шампион, зашто тетовци сезонава покажаа два лика и се далеку од моќниот тим што требаше да се прошета по македонските терени. Ако дома се сигурни и добри, на гости се непрепознатливи, па лошите периоди треба да се искористат. Вардар тоа и го знае, ама на последното дерби на Арената не го искористи во извонредниот меч на Арената со четири гола за да победи. За очекување е дека секој што ќе дојде денеска ќе види нетипичен меч за македонски услови, со два офанзивни и отворени тимови, кои имаат желба да победат. Останува само прашањето, дали Вардар ќе го прекине долгиот пост или Шкендија ќе ја продолжи серијата на непобедливост?
На крајот на оваа есен освен што треба да покаже со колку бодови зимница на пауза ќе оди лидерот Вардар, ќе одговори и кој од бившите шампиони Ренова и Работнички ќе има најмногу главоболки во следните три месеци. Двата тима во Тетово играат меѓусебно дерби за опстанок, по кое еден ќе биде закован на дното. Борец во Струга ќе одговори, дали конечно има капацитет да освои барем бод на гостувања, а Шкупи и Македонија ЃП во малото скопско дерби ќе се пресметаат за тоа кој би бил поблизу до европските места на стартот на пролетниот дел од сезоната.
ПРВА ЛИГА, 18. КОЛО (13 ЧАСОТ)
ТЕТОВО: Ренова – Работнички
ЧАИР: Шкупи – Македонија ЃП
СТРУГА: Струга Трим Лум – Борец
АРЕНА: Вардар – Шкендија
ВЧЕРА
Силекс – А. Пандев 3-1 (1-0)
Среафимовски 42, Додев 61, Драшковиќ 70 – Миловановиќ 64
ТАБЕЛА: Вардар 35, Шкендија 27, А. Пандев 27, Силекс 27, Македонија ЃП 23, Струга ТЛ 23, Шкупи 23, Борец 19, Ренова 16, Работнички 15.
Извор: Спорт1