| |

БКИЦ: Бугарскиот писател Николај Терзијски претставен на „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје

Четиринаесеттото издание на Меѓународниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ беше отворено во Музејот на Град Скопје, со учество на писатели од повеќе балкански земји, меѓу кои и бугарскиот писател и сценарист Николај Терзијски, соопшти Бугарскиот Културно информативен центар во Скопје.

На фестивалската програма беа претставени и албанската писателка Дијана Чули, како и Драган Великиќ, Мајк Дауни, Христина Радовиќ Андриќ, Блаже Миневски и Габриела Бабник.

Творештвото на Терзијски го претстави Ермис Лафазановски, а во разговорот беа отворени прашања за начините на кои современата проза создава сопствени книжевни светови.

Терзијски зборуваше за романот како поттик за создавање светови и како можност писателот да гради сопствени простори „насекаде и секогаш“.

Во разговорот беше посочено и дека во основата на љубовните приказни често се наоѓаат слични човечки искуства, но различните завршетоци се тие што секоја приказна ја прават единствена.

Една од темите во рамките на фестивалот е и врската меѓу литературата и филмот, односно прашањето во колкава мера современата проза е под влијание на филмското сценарио, неговата визуелност и динамика.

По официјалното отворање на фестивалот, програмата продолжува со средбата „Skopje Fellowship“, која годинава се одржува по 13. пат.



Слични Објави