| |

БНР: Како живеат Бугарите во Босилеград

Бугарија има отворено 11 државни културни институти во странство (Берлин, Братислава, Будимпешта, Варшава, Виена, Лондон, Москва, Париз, Рим, Скопје и Прага), кои методолошки и финансиски се раководени од Министерството за култура, а нивните активности се спроведуваат во согласност со билатералните меѓувладини договори. Тоа не е случај со бугарските културно-информативни центри во српските градови Босилеград и Цариброд. Според локалното законодавство, тие функционираат како невладини здруженија. Претседателот на центарот во Босилеград, Иван Николов, ја споредува нивната активност со бугарските читалишта од времето на Преродбата. Според него, нивната работа ја кочи бавната европеизација на Србија, која го забавува отворањето на границите и развојот на регионот. Нема дијалог меѓу двете соседни земји за бугарското малцинство во областа на т.н. Западните покраини. Еден век луѓето во Босилеград мигрирале во Бугарија, Србија и Македонија, а населението се намалило од 30.000 на 5-6.000 луѓе.

„ Го создадовме културно информативниот центар и со неговата работа се трудиме да го зачуваме бугарскиот дух, бугарскиот јазик пред се и да ги поттикнеме луѓето на нов стил и начин на однесување и задоволни сме што младите се повеќе се свесни за тоа, се повеќе се ориентираат“, посочува Иван Николов, претседател на Центарот во Босилеград.

Иван Николов, прв човек на КИЦ Босилеград

Николов за Радио Бугарија вели дека имаат одредена минимална поддршка од бугарската држава, но главно работат со поддршка од многу бугарски институции, како што се општина Софија, други бугарски општини, читалишта, музеи, галерии и медиуми. Тој жали што немаат ниту еден завршен проект од програмата за прекугранична соработка.

„Да, ова е сериозниот проблем. Нашиот административен и кадровски капацитет, од гледна точка на специјалистите што треба да бидат ангажирани е ограничен – истакнува Николов. – Ова што го гледате овде, тоа се една или две канцеларии со две компјутерски конфигурации. Но, ова не е доволно за да се преземе инвестициски проект. Да не зборуваме дека инвестициските проекти мора да имаат поддршка и од локалната власт. Се уште постои сомнеж за секој лев што влегува од Бугарија и од Европа“.

Бугарите во Босилеград, за разлика од нивните сонародници во Цариброд, се далеку од главен пат. Не можат, како жителите на Цариброд, секој ден да одат на работа во Софија, а навечер да се вратат. Бугарскиот регионален центар Ќустендил, блиску до Босилеград, не нуди егзистенција, а нема ниту редовна автобуска линија. Како алтернатива на таканаречената дневна миграција, Босилеградци сакаат да развијат етнографски туристички комплекс, вклучувајќи ќелијно училиште од 1832 година и црквата во селото Извор, која датира од 1833 година.

Црквата во село Извор

„Тоа е многу интересна црква, има само уште една во Бугарија со ваква архитектура – во Банско, доколку се изгради етно центар на овој простор, во ова село, со оглед на близината до Софија, би можело значително да го зголеми бројот на туристите. Таму каде што луѓето се движат веќе се појавуваат предуслови за економски развој – размислува Иван Николов за иднината.– Затоа што во моментов, за жал, Босилеград е под канџите на меѓународните рударски компании, кои страшно ја загадуваат животната средина и го осиромашуваат просторот. Принципно, сите рударски населби се сиромашни населби. Да не зборуваме за загрозувањето на животната средина и здравјето на луѓето. Но, со овој проект кој не е толку скап, би можеле да го зачуваме бугарското културно-историско наследство и да го претставиме доволно добро, близината на Софија. /близу 130 км/ е предуслов за развој на регионот.“

Речиси сите матуранти од Босилеградската гимназија секоја година одат да учат во бугарските университети – истакнува првиот човек на КИЦ-Босилеград. Повеќето студенти остануваат да работат во Бугарија. Ова дополнително демографски ја загрозува област. Но, според Николов, на почетокот на 21 век не може да се остават луѓето да живеат во беда, затоа е задоволен што младите се реализираат во Бугарија. Тој споделува за недоволниот број преведени на бугарски задолжителни српски учебници. Со тој проблем повеќе од 10 години се соочува наставата на мајчин јазик. Сепак, тој е оптимист за бугарската самосвест во регионот:

„И покрај се, младите во Босилеград го знаат бугарскиот јазик, иако со примеса на дијалектот на кој инаку зборуваат. Но, само тоа не е доволно. Знаете дека за да се зајакне бугарската национална самосвест, покрај бугарскиот јазик, тие мора да имаат познавање на бугарската историја, култура, географија, меѓу другото. Оваа област е географски ориентирана кон Бугарија. Повеќето луѓе во Босилеград веќе имаат бугарско државјанство, а тоа создаде предуслови за национална самодоверба и вклучување во бугарскиот културен простор.Со животот во Бугарија и секојдневните контакти веќе ја изостривме оваа самосвест кај новата генерација што доаѓа“.

Автор: Иво Иванов

Извор: Бугарско национално радио

Слични Објави