Бочварски на средба со амбасадорот Ангелов: Остануваме посветени на изградбата и модернизацијата на Коридорот 8
Регионалното поврзување и продлабочувањето на меѓусебната соработка беа во фокусот на денешната работна средба на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и амбасадорот на Република Бугарија во земјата, Ангел Ангелов.
Министерот Бочварски истакна дека меѓусебната соработка треба да продолжи интензивно и во наредниот период особено зашто, како што рече, се наоѓаме во време на светска економска и енергетска криза која бара позитивни односи и соработка меѓу двете соседни земји со цел намалување на нејзините ефекти. Тој потенцираше, како што информира неговиот Кабинет, и дека Владата на Република Северна Македонија е силно посветена на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, особено на изградбата и модернизацијата на патниот и железничкиот Коридор 8 кој претставува мост на поврзување меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Амбасадорот Ангелов изрази желба за интензивирање на соработката која ќе донесе значајни бенефити за двете држави и особено на граѓаните кои живеат во нив.
Тие се согласија дека заедничките напори и меѓусебната поддршка се одлични темели за континуиран развој на двете земји и на регионот, подигнување на квалитетот на живот и развој на регионалната економија.