|

Богоев: Заплените зголемени 29 проценти, поднесените кривични пријави 60 проценти – нула толеранција за шверцот и корупцијата

Вкупно 105,4 килограми марихуана, 126 литри прекурсори и 66.144 разни лекови биле запленети во 2023 година кога бројот на случаи на спречен шверц и нелегална трговија бележи раст од 29 проценти во однос на претходната година. Притоа запленети се и девизи со вредност од вкупно 438 илјади евра, средства што одат во Народната банка и во буџетот. Меѓу заплените беа и транспортни возила специјално конструирани за шверц, а во еден случај со одлука на суд беа одземени 17,7 тони тутун во лист, товарно моторно возило-влекач и полуприколка во вкупна вредност од 7 милиони денари.

„Еден од главните приоритети е нула толеранција кон шверцот и организираниот криминал. Видливите резултати во овој дел значат просперитет и значат побрз влез во ЕУ, а резултати веќе има – заплените во 2023 се зголемени точно 29 проценти, а поднесените кривични пријави 60 проценти“, вели директорот на Царинската управа, Стефан Богоев.

Со акцијата во декември, во која беа запленети 126 литри прекурсори за производство на дроги, беше разбиена посериозна мрежа, која имала лабораторија на територијата на државата. Против лицето беше поднесена кривична пријава до надлежното Основното јавно обвинителство за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, казниво по член 215 од Кривичниот законик. Со одлука на суд против ова лице беше одредена мерка притвор.

„Кривични пријави беа поднесени и против сторители за шверц на 50 тони дизел-гориво декларирано како базно масло, а кое било транспортирано во две товарни моторни возила – цистерни. За разни кривични дела во 2023 година беа поднесени вкупно 51 кривична пријава, што е 60 проценти повеќе од 2022 година. За кривично дело шверцувањее, поднесени се 15 кривични пријави за 16 физички лица, за неовластено производство и пуштање во промет наркотици – 5 кривични пријави против 7 физички лица, а за даночно затајување 3 кривични пријави против 3 правни и 3 физички лица“, доава Богоев.

Слични Објави