БОГОЈЕСКИ ПО РАЗРЕШУВАЊЕТО ВО ВМРО-ДПМНЕ: ДА ИЗГУБИМЕ СИТЕ, А ДА ДОБИЕ МАКЕДОНИЈА!
Заменик генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Петар Богојески, е разрешен од оваа функција на синоќешниот Извршен комитет на партијата.
Богојески бил сменет поради „непрофесионално вршење на должноста, несовесно извршување на задолженијата и повреда на партиските начела“.
Богојески често ги критикуваше сегашните и поранешните раководни структури на партијата.
Денеска на својот facebook профил Петар Богојески го напиша следното:
„Почитувани, ја поздравувам одлуката на ИК на ВМРО ДПМНЕ во врска со мојот активизам во раководните структури, но не и во Партијата. Искажувам благодарност што сум ослободен од одговорноста што ја носев на себе и ја пренесував врз другите луѓе во Иницијативата за реформи. Едноставно непомирливи се нашите два концепти, едниот за демократизација, модернизација и европеизација, а другиот за клиентелизација, криминализација и авторитарен кариеризам во ВМРО ДПМНЕ.
Невозможно е двата да функционираат заедно, а при тоа да се унапреди работењето на Партијата на принципиелни основи.
ВМРО ДПМНЕ во овој момент е целосно на погрешна страна од историјата, тргна во целосно погрешен правец и не е можно заедно на истиот воз во истиот правец. Се надевам за кратко ќе биде тоа констатирано и ќе биде земен друг тек.
Ќе повторам, го поразивме Груевски, но не и груевизмот во нас.
Се плашам дека тие политики одат во корист на плановите за поширока политичка и безбедносна дестабилизација на регионалната стабилност, што ќе резултира со загрозување на македонската државност, што за мене е без простор за било каков компромис.
Мојата максима беше и останува „Да изгубиме сите, а да добие Македонија!”
Република Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ, со или без овие политички елити на македонската политичка сцена.
Јас сум подготвен на се, само Македонија да излезе од балканскиот кружен тек и да земе правец за Европа!
Мотивирани и сигурни во нашата вистина, продолжуваме понатаму со уште поцврсти и порешителни чекори за реформи и обнова на Партијата.
На сите со кои соработував во досегашниот период, искрено Ви благодарам! “

