Боки 13 реагира до Кривичниот суд: Само потврдувате сѐ што сум кажал, довербата од -8 проценти покажува какви манипулатори сте
Кривичниот суд да достави доказ дека покојниот Огнен Ставрев бил на четиридневно боледување, бара обвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 преку реакцијата во медиумите. Тој тврди дека единствени што манипулираат се Кривичниот суд и претседателот Иван Џолев. Според него, ќе се утврди вистината преку други инстанции, каде што повел постапки.
„Барам Кривичниот суд да приложи доказ сега и веднаш дека судијата Огнен Ставрев на 31 јануари и на 1, 2 и 3 февруари бил на боледување. Барам да се вратат камерите од Кривичниот суд, од кои со сигурност ќе се утврди дека судијата бил бил таму, на работа. Дотолку повеќе што и мојот адвокат Владимир Туфегџиќ во овој период се сретна со сега покојниот судија Ставрев во Кривичниот суд. Единствени што го злоупотребуваат покојниот судија се тие, односно претседателот Иван Џолев. Бидејќи на тој начин Кривичниот суд го донесе ова фалсификувано и антидатирано решение. Сите инстанции, каде што е поведена постапка, ќе ја утврдат вистината“, реагира Боки 13.
Тој смета дека нервозата на Кривичниот суд само ги потврдува неговите наводи изнесени утрово, а за кои доставил документација.
„Дека манипулатори се Кривичниот суд и претседателот Џолев, е покажано со нивната доверба и со тоа колку граѓаните му веруваат на судството, која е последицата на манипулациите и изигрувањето на законите низ правните дупки. Единствено одлучуваат по нивни интереси и нарачки, па од тука е и ова фалсификувано решение. Нервозната реакција на Кривичниот суд го докажува тоа – дека се работи за фалсификат и антидатирано решение. Доволен доказ за тоа кој е манипулатор е 8-процентната, односно -8-процентната доверба во судството“, додава тој.