|

БОРЕТЕ СЕ ЗА ЧОВЕЧКИТЕ ЖИВОТИ, НО ВАКЦИНИРАЈТЕ ЈА И ЕКОНОМИЈАТА!

Повеќе луѓе ќе банкротираат, отколку што ќе настрадаат од корона! Економската закана која ја носи вирусот е многу поголема од здравствената. Ако вирусот вас не ве погоди директно, ќе ве погоди на тој начин што не ќе можете да одите на работа, што вашиот работодавач ќе биде приморан да ве прогласи за вишок или фирмата ќе банкротира. Вирусот економски ќе загрози милиони луѓе, особено откако пандемијата направи
вистинско торнадо со паѓањето на берзите, со нафтената војна и со уште една потенцијална мигранска криза, предизвикана од војната во Сирија. Ова се, генерално коментарите што ги читаме во влијателните европски медиуми.
Да не се случеше „Короната”, веројатно Венко Филипче, ќе беше запаметен како еден од полошите министри за здравство. Несмасното справување со варичелата минатата година, фашистичките методи за принудна вакцинација на децата, тендерските скандали… веројатно ќе бидат подзаборавени, по засега, мирното водење на нашиот брод низ пандемијата.  Се надевам дека, впечатокот, дека ја владее ситуација ќе остане и понатаму се до решавање на кризата, без да имаме ситуации како во Италија.
Загрижува што останатите ресори во Владата бавно се будат и тромаво реагираат. Добро е, на пример, што Владата пред два дена донесе одлука за замрзнување на цените на основните продукти, но ЛОШО е што тоа не го направи порано и ЛОШО е што замрзнување го врза со датум 11 март, наместо со 15 јануари или 1 февруари како останатите држави. Да се разбереме: на 11 март цените беа отидени веќе во плафон: заштитна маска од 4 денари на 30 денари. ЗАМРЗНЕТЕ ЈА ЦЕНАТА на 4 денари, а не на 30!!!
Добро е што Владата донесе одлука родителите на децата под 10 години да останат дома на платено отсуство, но ЛОШО е што не објасни кој ќе го плати тоа. Во ред е компаниите да се општествено одговорни и да покријат отсуство од 14 дена, но што ако кризата продолжи уште 14 и уште 14 дена… За разлика од нашата Влада, останатите европски власти вбризгаа огромни пари во стопанството.
Паралелна треба да е борбата и за спасување од корона вирусот, но и за спасување на економијата. Опасност е фирмите да не можат да набавуваат суровини, да не ги
подмируваат обврските, да не можат да поделат плата. Опасност е граѓаните да не можат да ги плаќаат сметките, ратите за кредити. Малите бизниси се први на удар, под итно се неопходни владини кризни мерки. Средните бизниси за кратко ќе бидат исто така во проблем.
Пандемијата не смее да се третира само како здравствен проблем, туку и како економски. По итно Владата да почне да откупува продукти од македонските производители и да ги пласира на пазарот по ниски цени. Ќе помогне на производителите, ќе помогне на граѓаните, ќе помогне да спласне пандемијата на потрошувачка паника…
70.000 јагниња од Истокот веќе 20 дена чекаат на извоз за Италија. Сите се свесни дека извозот нема да се случи, а јагнињата ќе станат овци.

Владата е на потег да реагира! „Посткорона периодот“ ќе донесе нови прегрупирања и нови правила на игра во економијата. Време е да се
разбудат и тие сектори. Но и бизнисмените, а особено Стопанските комори треба да побараат нови мерки и да се преструктуираат.

Автор: Никола Тасев

Слични Објави