| |

БОРИСОВ НА КОЛЕНА

7 декември 1970 година ќе остане во вечно сеќавање на целиот демократски свет. Тогаш во Варшава, во тој студеникав и влажен ден, канцеларот на тогашната Западна Германија, падна на колена пред паметникот на жртвите од бунтот во варшавското гето, евреите кои се спротивставија на нацистичката окупација и востанаа во борбата за зачувување на сопственото достоинство. Тој ден, исто така, остана во сеќавањата на целиот свет како првиот знак на промена на политиката на западниот свет кон земјите од Источна Европа, стегнати и заробени во Варшавскиот пакт, исто така, свевидно гето на затворени и уништени надежи од очекуваното ослободување и демократизација. Вили Брант до затопли ледот меѓу тогаш (а Бога ми и сега) жестоко спротивставените Истокот и Западот, за само дваесетина години подоцна, сaмата Полска, но и другите земји од некогашниот Варшавски пакт, да живеат со слободите на посакуваниот западен свет.

По Брант, во светот веќе никој не го повтори тој чин, никој и никаде не оддаде толку и таква почит на евреите пострадани во Холокаустот. Но, мераклии за такви чинови имаше, а мислам најмногу, кај нас Македонците. Веднаш по референдумот од 8 септември 1991 година, кога експресно уследи и признавањето на Македонија како самостојна и суверена држава од страна на Бугарија, се огласи историчарот, “фолклорист“ и член на МАНУ Блаже Ристовски, “дервишот на македонизмот“, како што своевремено беше наречен од Младен Србиновски. Во една своја изјава на телевизија, тој рече дека чинот на признавањето на Македонија од Бугарија е малку во однос на “злоделата“ кои ги направиле овде, за потоа да се запре на “историската одговорност“ на Бугарите (баш така) во депортирањето на македонските евреи во Треблинка, сето тоа зачинето со барањето за признавање на македонска нација и јазик, и конечно, бугарската врхушка да падне на колена пред жртвите на бугарскиот фашизам во Македонија. Оваа негова изјава, многукратно мултиплицирана и видоизменувана во безброј варијации, стана мантра на вулгарниот македонизам, закоравен во својата зависност од Белград и рускиот “првичен грев“ кон македонскиот народ.

Од историскиот чин на Брант пред споменикот на паднатите во Варшавкото гето поминаа точно педесет години, а поминаа и речи си триесет години од македонската самостојност. Го замислувам несреќниот Бојко Борисов како доаѓа во Македонија да се извини за „злоделата на фашизмот“, да признае дека “Бугарите се фашисти“ и да се извини за еврејскиот Холокауст во Македонија. Впрочем тој дојде еднаш тука по повод Холокаустот, поднесе венец на паметникот на евреите во Тутунскиот комбинат и се поклони пред нивните жртви. Но изгледа дека тоа е малку. За почеток треба да дојде и да коленичи пред паметникот на паднатите велешани во НОБ, она големо здание, заборавено од сите и едвам реновирано последниве години. Потоа патот го води во Прилеп, па таму да падне на колена пред паметниците од Могилата на непобедените, па така, со раскрвавени колена да се упати кон Крушево и да се извини за вината на цар Фердинанд што во трагичната и херојска 1903 година, Бугарија не интервенирала со ветените(!?!) 300 илјади бајонети и не отворила војна на Турција за да може Републиката да победи и опстои. Оттаму патот го води на еврејските гробишта во Битола, па потоа да се надеваме дека некој ќе се сожали и ќе го повика да се врати во Скопје. Таму ќе биде главната прослава, пред паметникот на ослободителите на Скопје во предворието на некогашниот ЦК, денешната влада. Таму, со раскрвавени колена, исплукан и навредуван, ќе се поклони и ке побара милост, за себе си и за целиот бугарски “фашистички“ народ…ако му дадеме!?

Сепак, денес има некакви други погледи и перспективи на овој , долги години наталожуван проблем. Долгогодишно прашање за вината на окупаторот, безразлично кој, тргнува и по линијата на сопственото националното себепрепознавање во овие проблематични историски моменти. За Полјаците веќе дамна се пишува дека студено и без емоции го примиле формирањето на варшавското гето како нешто нормално, биле согласни со тоа, а некои дури и помагале на германците и добро профитирале. Тие самите тоа најдобро си го знаат, па пред една година донесоа закон со кој се казнува секој кој ќе каже или напише и изјави, дека полскиот народ е антисемитски. Некои ционистички организации се побунија, тврдејки дека законот го кочи историското расветлување на фактите од времето на Холокаустот.

Во Македонија нема таков закон и се надевам дека нема да биде никогаш донесен. Сепак останува фактот дека македонските чиновници ги предале матичните книги на германците за бројот и составот на евреите во Македонија, асистенција на германскиот нацизам која по ништо не заостанува зад бугарското учество во транспортирањето, без разлика дали било доброволно или под принуда. Малку македонски семејства спасиле по некое еврејско дете или човек, а никој не спасил цело семејство. Партизаните, со кои ние толку се фалиме за нивната бројност и борбеност, не пукнале ни една пушка, нити во Скопје, Штип и Битола, за да помогнат на своите еврејски сограѓани, нити пак ставиле некоја од оние познати бомби од нашите филмови, под шините на возовите што патувале кон Треблинка. Во приказната со евреите има и еден куриозитет. Еден од атентаторите на македоско/бугарскиот “фашистички“ полицаец Мане Мачков, е и евреинот Бранко Фрицкханд. Како малолетен, тој е осуден на казна затвор и ја излежува казната во Идризово, за време на мартовските собитија 1943 година. Го има во матичните книги и германската полиција го бара за да биде депортиран. Бугарската “фашистичка“ власт одговара дека тој е осуден за дело против Царство Бугарија, лежи во затвор, па кога ќе си ја одлежи казната, ќе им биде предаден на германците во нивна надлежност. Германците имаат почит кон судската пресуда, тој останува во затворот и бега од таму со сите други затвореници во 1944 година. Станува партизан, заминува за Израел, се бори за формирањето на еврејската држава, за потоа да се врати во социјалистичка Југославија и е директор на фабриката за шавни цевки во Севојно, Србија. Тука останува до крајот на животот.

Седумдесет години по историскиот чин на Брант во Варшава, Полјаците не се задоволни од тоа. Сметаат дека тоа е само “фрлање парашина во очите“, дека тоа се само гестови, а тие сметаат дека имаат право на материјално обештетувае од германската држава за штетите и жртвите од Холокаустот. Германија молчи и со тоа се е кажано. Дали и овде некој се надева дека со “коленичењето“ на Борисов, или на некој друг бугарски великодостојник, ќе добие некакви материјални надоместоци, пари или слично, останува да се види. Не верувам дека од Борисов или од било кој друг од Бугарија ќе може за се земат некакви пари. Личното искуство ме учи дека Бугарите се “тврди“ на пари и дека побрзо би се простиле од животот отколку од парите.

На македонистите им останува само да си ја замислуват сцената како Борисов, со крвави коленици и понижуван, клечи пред некој паметник и бара прошка. Огромен по раст, малку подведен ќе им личи на некоја од оние сури балкански мечки-капиталци, жртви на ловџиските примитивни нагони на нашите раководители. Ќе сакаат тука да има некој Тито, Живков, Брежнев или Чаушеску, па може и еден минорен тип, но голем ловџија како Лазо Колишевски. Тоа се најголемите мечколовци и убијци и на луѓето воопшто во нашите предели, па тие сервилно да им ја придржуваат пушката и ја наполнат со патрони. Старите убијци одамна си заминаа од овој свет, а нам ни ги оставија спомените и полтроните кои им ги носеа пушките и патроните. Искинатите пантолони и окрвавените колена на Борисов, се само една реминисценција на нивното сопствено понижување и коленичење пред сатрапите на сопствениот народ.

Автор: Владимир Перев



Слични Објави