|

Британскиот премиер: Бев шокиран од веста дека кралот Чарлс има рак

Британскиот премиер, Риши Сунак, рече дека е шокиран од веста дека на кралот Чарлс му бил дијагностициран рак и се надева дека монархот брзо ќе закрепне бидејќи болеста е рано откриена.

Бакингемската палата во понеделникот објави дека 75-годишниот Чарлс, кој дојде на тронот по смртта на неговата мајка, кралицата Елизабета Втора, ќе ги одложи јавните ангажмани откако му беше дијагностициран облик на рак.

Неговиот помлад син, принцот Хари, кој е отуѓен од кралското семејство, наскоро би требало да пристигне во Британија. Неговиот постар брат, престолонаследникот Вилијам, се очекува да преземе некои должности како монарх.

Сунак изјави за радио Би-Би-Си дека е шокиран и тажен од веста. „Сите наши мисли се со него и неговото семејство. Знаете, за среќа, ова беше рано откриено“, рече тој.

Чарлс планира да продолжи да врши голем дел од неговите должности како монарх, што ја вклучува неговата неделна аудиенција со премиерот. Сунак рече дека е во редовен контакт со кралот.

„Секако дека ќе продолжи нормално, продолжуваме со се“, рече тој.

Чарлс ја помина ноќта дома во понеделникот, откако започна третман за „еден облик на рак“, соопшти Бакингемската палата.

Освен потврдата дека не се работи за рак на простата, од палатата не откриваат други детали.



Слични Објави