| |

БРИТАНСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ БИРААТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПАРЛАМЕНТОТ

Британските пратеници денеска ќе избираат нов претседател на долниот дом на парламентот кој ќе игра одлучувачка улога во процесот на донесување одлуки за брегзит.

Поранешниот претседател Џон Берков поднесе оставка минатата недела по десет години на функцијата.

Три години откако Велика Британија гласаше за напуштање на ЕУ, претседателот на долниот дом одигра исклучиво влијателна улога во дебатирањето за добрите и лошите страни на брегзит и усвојувањето на легислативи потребни за негово спроведување, соопшти „Ројтерс“.

Берков е обвинет за непочитување на конвенциите и за фаворизирање на оние кои сакаат да ги запрат владините планови за излегување на Велика Британија од ЕУ.

Во игра се осум кандидати за негов наследник, меѓу кои и тројца заменици на Берков – Линдзи Хојл, Рози Винтертон и Еленор Ленг, како и долгогодишната пратеничка од редот на лабуристите, Хариет Харман, пренесе агенцијата АП.

Секој од нив ќе има време од пет минути за да се обрати до пратениците пред да почне тајното гласање.

Ќе се одржат повеќе рунди на гласање и секој пат ќе испаѓа кандидатот со најмалку гласови.

Слични Објави