БРОЈОТ НА ЛУЃЕ ШТО ГЛАДУВААТ ВО ЗАПАДНА АФРИКА МОЖЕ ДА СЕ ЗГОЛЕМИ ПЕТКРАТНО ПО ПАНДЕМИЈАТА

/

Бројот на гладни луѓе во Западна Африка може да се зголеми петкратно ако глобалната епидемиолошка ситуација продолжи да се влошува, вели координаторот за отпорност на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) за Западна Африка, Кумба Соу, пренесува ТАСС.

Според Соу, проблемот со недостигот од храна предизвикан од сушата, појавата на скакулци и од конфликтите во Западна Африка и регионот Сахел, сега е влошен од пандемијата.

„Во Западна Африка, заклучно со април, повеќе од 11 милиони луѓе имаат потреба од итна помош во храна – најмногу поради конфликтите. Овој број ќе продолжи да расте и може да достигне 17 милиони во периодот од седбата до жетвата (јуни-август) ако не одговориме брзо. Ако се влоши пандемијата, дури 50 милиони повеќе луѓе би можеле да се соочат со криза за храна во регионот,” рече таа.

Според Соу, оние кои се веќе гладни, или се веќе гладни и раселени, ќе бидат под најголем ризик.

„Стапките на неухранетост во Сахел се едни од највисоките во светот. Околу 2,5 милиони деца – повеќе од една четвртина во Буркина Фасо, Мали и Нигер – страдаат од тешка и акутна неухранетост,“ објаснува таа.



Пандемијата ќе влијае на локалните земјоделци кои може да се соочат со намалено снабдување со ѓубрива и семиња, затворање продавници и пазари и намалена помош во текот на пандемијата.

„Бидејќи поголемиот дел од Западна Африка е веќе погоден од други сложени кризи, наш прв приоритет е да го заштитиме и одржуваме сегашниот одговор на итните случаи, особено активностите за поддршка на претстојната земјоделска кампања, што ќе помогне да се ублажат ефектите на Ковид-19 врз безбедноста на храната“, рече Соу.

Во исто време, таа додаде дека мерките од одговорот на ФАО во регионот се соочуваат и со недостиг од финансирање.

Извор: Макфакс

Претходна статија

СТРУМИЧКИОТ СУД ДОСЕГА ИЗРЕЧЕ 85 ПАРИЧНИ КАЗНИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ПОЛИЦИСИКИОТ ЧАС

Следна статија

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ГОСТИВАР БАРА ПОКРАТОК ПОЛИЦИСКИ ЧАС И ОТВОРАЊЕ НА КАФЕАНИТЕ

Најново од Вести