„БУГАРИ БАРААТ УСТАВЕН СУДИЈА“

Тоа е тенденциозниот наслов, што ми доаѓа во глава, откако го видов краткото соопштение на Алијансата на Македонските Бугари- Движење за национално единство и спас (АМБ-ДНЕС), објавено на порталот на Сашо Дамовски, МКД.мк.

loading...

Овој наслов деновиве ќе го видиме на повеќе „патриотски“ портали, загрижени за „бесконечните претензии на Бугарите“. Но тоа секако е нивна уредувачка политика и не е моја работа да им се мешам. Живееме во демократско општество и секој е слободен да пишува за што сака. Говорот на омраза се разбира што ќе биде предизвикан кон Бугарите од другата страна на Осогово и Македонците со бугарска национална свест се разбира е посакуваната цел.

Прво сакам да го поздравам колегата Дамовски. Му прави чест, што обрнува внимание на едно такво мало здружение со толку големи амбиции. Грижата на МКД.мк да даде простор на овие Македонски Бугари, кои ја нарекуваат Македонија-Северна е пример за објективно новинарство. Каде, ако не на таков голем и професионално раководен портал можеме да прочитаме дека група на луѓе кои се претставуваат во јавноста како македонски Бугари, си формирале здружение пред два месеци и веќе со менторски тон ја советуваат македонската држава да не брза со именувањата на нови уставни судии.

Изгледа медиумската поддршка на порталот на колегата Сашо Дамовски, дава многу силен ветар во грб, а и делува стимулирачки на апетитот на здружението.

Амбициозноста на ова здружение искрено ме радува. Вчера се појавија, денеска веќе се чувстуваат доволно силни да солат памет. Имав еден дедо во комшии, па за таквата претерана амбициозност велеше: „Настанаа пилци, поебаа квачки“.

Темпирањето на барањето е исто така ептен погодено. Покрај претензиите на Бугарија, за историските темели на јазикот и идентитетот, сега македонските Бугари „додаваат“ и барање од современ, прагматички карактер: „Не брзајте со именување на уставен судија, ние Бугарите сме 1/4 од населението, столчето на судијата треба да ни припадне нам…“

Во однос на говорот на омраза, што го спомнав погоре во текстот, не треба кој знае колкава активност да се прикаже за да се разгори посебно кога се работи за „клетите татари“ и за нивните „платеници“ на македонска територија. Тие вафли веќе сме ги јаделе. За машината е важно да има материјал.

loading...


Би им дал пријателски предлог на луѓето во АМБ-ДНЕС пред да бараат уставни судии, да поработат малку повеќе на проблематика што повеќе ќе им одговара како здружение. Можеби многу повеќе и подобра работа би завршиле ако во јавност го покренат прашањето за ликот и делото на Пејо Јаворов и како овој бугарски поет и македонски комита е испочитуван во Македонија. Да, Пејо не е македонски Бугарин, но нека ме извинат, сигурен сум дека е многу поголем Македонец од нив. Тука е и Талев. Можат например да најдат донации и да изградат по еден убав споменик за овие двајца големи Бугари, кои се нераскинливо поврзани со македонската историја. Застанувам овде за да не си помислите дека и јас почнав со солење памет.

Им посакувам успех на амбициозните активисти на АМБ-ДНЕС и ги информирам дека од денеска освен МКД.мк и „Трибуна“ им стои на располагање, со едно важно појаснување од наша страна: Ние, господа, не ја користиме одредницата Северна за нашата Македонија и да ни испратите соопштение во кое пишувате Северна, одредницата ќе биде избришана.

Сосема за крај. Машинеријата со која одредени кругови овде се трудат да ја продолжат моменталната хистерија на релација Скопје-Софија е провидна. Бидете здрави.

Автор: Атанас Величков