| |

Бугари од РС Македонија: Името на Иван Михајлов е свето, сите бугарски семејства во Прилеп и Штип беа михајловистички

„Кога ќе ти стават во досието до името ВМ, тоа е исто како да напишале ванчомихајловист, не си фашист“, ова го изјави публицистот Владимир Перев, во репортажата на бугарската новинарка Теодора Енчева за судбината на бугарските здруженија во РС Македонија „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис III“ во Охрид, емитувана на бугарската телевизија БТВ.

Перев вели дека Ванчо Михајлов станал фашист за јавноста во поранешна Југославија и РС Македонија откако Бугарите го кренале својот глас за нивното постоење и проблеми.

„Откако ние Бугарите во името на Иван Михајлов, го кренавме нашиот глас скромно, не баравме ниту Устав, ништо. Едноставно работите да се средат, дајте, имаме бели петна во нашата историја, дајте да ги обновиме… Имаме претци кои се бореле “, истакнува Перев.

Познатиот македонски Бугарин и публицист е дециден дека бугарската етничка припадност на многу семејства во Прилеп и Штип била кристално јасна, а првиот чин на кој ги учеле своите деца била конспирацијата.

„Тоа беше кристално јасно и се кажуваше. Сите бугарски семејства во Прилеп беа михајловистички. Истото важи и за Штип. Првиот чин на кој што ги учеа своите деца беше конспирацијата“, вели Перев.

Според него најголем проблем во моментот е местото на македонските Бугари во општеството на РС Македонија.

„Во мојот свет најомразени останаа комунистите. Таа битка со фашистите веќе стана стерилна. Најсериозен проблем е местото на македонските Бугари во македонското општество. Кога ќе можеме да речеме директор на театар да биде некој македонски Бугарин. Нам ни требаат обичните луѓе, така се крева политичкиот рејтинг. Тоа е довербата на системот, тогаш ќе биде небитно дали сме фашисти или комунисти“, истакнува Перев.

Претседателот на клубот „Иван Михајлов“ од Битола Љупчо Ѓорѓиевски од своја страна вели дека тие нема да го променат името на својот клуб и подвлекува дека Бугарија не го основала клубот, ниту им го наметнала токму тоа име.

„Ниту Бугарија го создала клубот, ниту Бугарија ни наметнала да го ставиме тоа име. Тоа име го избравме ние македонските Бугари. Иван Михајлов е свето име и од него произлегува еден борбен дух за Македонија.Името на клубот ќе остане Иван Михајлов, за целиот свет тој не е фашист, само за поранешните комунистички влади во РС Македонија Иван Михајлов е фашист“, вели Ѓорѓиевски пред Теодора Енчева.

„„Радко“ живее и денеска. Ние ништо лошо не правевме, само ги будевме луѓето дека сме македонски Бугари, еден народ во две држави“, вели Крсте Трајчевски од Охрид, кој бил еден основачите на првото здружение на македонските Бугари во тогашна Република Македонија именувано по еден од псевдонимите на Иван Михајлов- Радко.

Погледнете повеќе во видеото што следи:



Слични Објави