| |

Бугарија гледа потенцијал во производството на дронови и за воена и цивилна употреба

Бугарија има можност да развие сопствена индустрија за дронови и антидронски системи, потпирајќи се на силниот ИТ-сектор, вештачката интелигенција и меѓународните партнерства, пишува бугарскиот дневен весник 24 часа. Според извештај на PwC, глобалниот пазар на комерцијални дронови расте за 16–17 отсто годишно, додека примената на вештачката интелигенција во Бугарија се очекува да порасне за 250 отсто до 2027 година.

Меѓу бугарските компании во секторот се „Самел-90“, која произведува дронови камикаѕе „Самџет“ со швајцарски софтвер развиен од „Алидрон“, и „Дронамикс“, која во 2023 година го разви големиот електричен товарен дрон „Црн лебед“. „Фадрон“ создава дронови со вештачка интелигенција за инфраструктурни инспекции, а „Контракс“ и „Телесис“ ги произведуваат извидувачките дронови „Терес-2“. Во 2025 година тие испорачаа шест летала на Министерството за одбрана.

Државната компанија ТЕРЕМ соработува со украинската „Рарог аероспејс“ на дронови камикаѕе и системи за нивно управување. Преку „ТЕРЕМ – Цар Самуил“, минатата година започна и производство на специјализирана муниција за дронови. Во 2024 година извршниот директор Калин Димитров најави дрон со боева глава од 50 килограми, дострел над 500 километри и брзина од 500 километри на час, но прототип досега не е јавно прикажан. Во секторот се обидува да влезе и поранешниот премиер Кирил Петков преку заедничко вложување со украински производител на дронови пресретнувачи.

Дополнителен поттик треба да обезбеди Центарот за иновации во одбраната, структура под три министерства со буџет од 15 милиони евра. Се очекува Центарот наскоро да ја објави првата конкурсна постапка за развој на дронови, наменета за стартапи, мали и средни претпријатија и научни тимови.

Според поранешниот вицепремиер и министер за иновации Томислав Дончев, Бугарија може да воспостави производство на дронови во широк обем за две години. Како најсоодветни се посочуваат летала со дострел од 5 до над 650 километри и со двојна, воена и цивилна намена.

Сопственото производство би можело да ја намали зависноста од увоз, да отвори работни места и да овозможи побрзо приспособување кон технолошките промени. Николаус Ланг од „Бостон консалтинг груп“ наведува дека дроновите се обновуваат на секои три до шест месеци.

Слични Објави