|

Трансакциско образованиe по Бадинтер

Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/Нетпрес

Македонија полека се претвора во држава која е дефинирана со граѓански дефицит – хронична и смртоносна форма на нова граѓанска „неписменост“. Тоа е форма на неписменост што помалку укажува на недостаток на технички вештини и отсуство на одредени компетенции, а повеќе на дефицит во сферите на политиката – дефицит што ги поткопува критичкото размислување и поимот писменост како критичко толкување и можност за интервенција во општеството. Овој вид неписменост не само што е неспособен да се справи со сложени и спорни прашања; тој е и принцип за славење на личниот интерес како парадигма за разбирање на политиката.

Полека стануваме рална жртва на овој нов вид неписменост во која разликата помеѓу илузијата и реалноста е изгубена, исто како што ја губиме способноста да ги доживееме нашите чувства на незадоволство и нашите стравови од неизвесност, парализирајќи нè во море од огорченост и апатија. Ова е форма на неписменост која повеќе не е маргинална за македонското општество, туку, сè повеќе станува една од неговите дефинирачки карактеристики.

Како што општеството станува неспособно да се преиспита себеси, новата неписменост парадира токму како нејзина спротивност. Новата неписменост не е само политичко прашање, туку и образовно прашање кое укажува на потребата од начини на образование кои обезбедуваат знаење и компетенции за да се покренат важни прашања за тоа што самото образование и писменост треба да постигнат во демократијата. Ни велат дека новата неписменост се раѓа на Универзитетите. По толку неписмени на функции со дипломи и празни биографии, изгледа дека тезата и не е далеку од вистината. Ваквата констатација е застрашувачка, зашто сугерира дека нашиот образовен систем губи важност. Изгледа како Универзитетите да престанаа да служат за пренесување знаење – со оглед на изобилството на онлајн ресурси за учење – туку се повеќе служат за сигнализирање на (не)способностите на поединецот до потенцијалните работодавци. Какви сигнали праќаат нашите Универзитети е прашање за анализа. Понекогаш се прашувам: кога успеавме македонското високо образование да го направиме толку ирелавантно? Дали тоа е моментот кога дозволивме да имаме инфлација на академски титули? Можеби инфлацијата во оценувањето го поткопаа неговиот квалитет, ставајќи ја под лупа вредноста на дипломите, отежнувајќи им на работодавците да прават разлика помеѓу компетентни и помалку способни дипломирани студенти? Падот на критериумите за прием и студирање на Универзитетите, застарените оперативни модели, недостаток на флексибилност и прилагодување кон современите образовни потреби, дополнително го доведоа во прашање квалитетот и релевантноста на македонското високо образование. Недостатокот на перспектива за работа предизвика скептицизам во врска со вредноста на факултетското образование. Изгледа како високото образование во Македонија намерно да беше дизајнирано да го потиснува човечкиот интелектуален потенцијал, отстапувајќи и место на новната неписменост во општеството.

Веќе заборавив колку пати го реформиравме нашето високо образование. Повеќето реформи не успеаја, не затоа што идеите беа слаби, туку затоа што не беа во можност да се пренесат од документите за политики во практиката во предавалните. Патот од намерата до имплементацијата е местото каде што реформите тивко пропаѓаа. Затоа тврдам дека нашето високо образование не може да се реформира, што очајно се обидува да го направи оваа Влада. Нашето високо образование мора да се изгради одново. Зошто го тврдам ова? Сегашниот систем на високо образование во Македонија е регулирано со прекумерна стандардизација. Интелектуалното истражување е заменето со завршување на наставната програма, љубопитноста со акумулација на кредити, способноста со сертификација, иновацијата со конформизам, учењето со наставни часови. Па така, регулацијата наместо квалитет произведува униформна просечност.

Она што не го зборуваме, а евидетно е, високото образование стана економска трансакција прикриена како интелектуален развој. И, секако, учењето на Универзитетите кај нас се конструира, не се пренесува, зашто образованието зависно од наставата создава интелектуална зависност – студентите чекаат насока наместо да развијат проценка. Со новиот кредит трансфер систем студентите кај нас станаа единици за приходи, а знаењето стана трансакциско. И, тука нема разлика меѓу приватното и државното високо образование. Оддамна високо образованиот систем во Македонија ја потиснува интелектуалната независност не можејќи да создаде независни мислители. Затоа „новата неписменост“ ќе доминира во македонското општество и политика.

Што добивме од досегашните реформи на високото образование? Очајни Универзитети, како во образовниот процес, така и во научно истражувачкиот. Добивме академски кадар со научна ограниченост на бившо југословенските простори и научна ирелевантност, приучени курсисти предавачи, школи за странски јазици обландирани во високо образовни студии, студиски програми без студенти. Со децении креаторите на политики предлагаа реструктуирање на наставните програми, кредитни рамки, дигитални платформи, реформи за акредитација, но резултатот е: реорганизирање на неефикасноста и ништо повеќе. Владата се обидува да го реформира, наместо да го трасформира високото образование, зашто трансформацијата ја заменува архитектурата на системот. Гледам дека процесот не оди со посакуваната динамика. А, како да оди кога Универзитетите станаа единица за приходи и уточишта на политичкиот отпад на партиите. Нормално беше за очекување дека Бадинтер ќе го блокира процесот. Да имавме вистински Универзитети Бадинтер немаше да може да егзистира во нашиот политички систем. И вие саката реформа? Таа не поминува кај нас, а не дај боже да посакате подлабока трансформација на образованието. Со благослов на Бадинтер или без него, образованието ќе мора да се трансформира – или историјата ќе го замени кога тогаш.

Слични Објави