| |

Бугарија и Италија подготвуваат образовна програма за правна култура и превенција на корупцијата

Бугарија и Италија подготвуваат заедничка образовна програма „Мостови на законитоста: Бугарија – Италија“, насочена кон зголемување на правната култура на младите, поттикнување на граѓанската одговорност и превенција на корупцијата, соопшти бугарското Министерство за образование и наука, пренесува БТА.

Програмата, која ја развива здружението „Младински гардиски одреди“ во соработка со Фондацијата „Фалконе“, треба да почне на почетокот на 2027 година и во период од две години да опфати ученици и студенти од Бугарија и Италија преку обуки, дискусии и практични активности.

Иницијативата била разгледана на работни средби во Палермо со учество на претставници на бугарски и италијански институции, меѓу кои и заменик-министерката за образование и наука Сења Терзиева-Желјазкова.

Меѓу главните теми биле улогата на училиштето во градењето граѓанска култура и превенцијата на корупцијата и организираниот криминал, како и потребата младите да ги познаваат своите права и да развиваат вештини за активно и одговорно граѓанско учество.

Во рамките на програмата, учениците и студентите од двете земји ќе работат на практични случаи и ќе учествуваат во дискусии со претставници на институциите и професионалните заедници од Бугарија и Италија.

Слични Објави