(Видео) Кремена Станчева – глас од „Мистеријата“ што го прослави уникатниот фолклор на Шоплукот
Народната пејачка Кремена Станчева, една од истакнатите личности на Ансамблот за народни песни на Бугарското национално радио (БНР), подоцна светски познат како „Мистеријата на бугарските гласови“, е родена на 21 октомври 1941 година. Таа почина на 8 март 2013 година, пишува Радио Бугарија.
Станчева останува особено позната по дуетот со Василка Андонова, со која повеќе од три децении го изведува традиционалното шопско двогласно пеење. Во интервју од 2009 година, зачувано во Златниот фонд на БНР, таа наведува дека заедно со Андонова во радиото снимиле повеќе од 100 шопски двогласни песни и вели: „Останав верна на шопското двогласно пеење“.
Кремена Станчева уште од детството сакала да пее. Родена во селото Ковачевци, во близина на Софија, таа подоцна завршила со одличен успех на Високиот економски институт, денешниот Универзитет за национално и светско стопанство. Иако ѝ била понудена академска кариера, таа избрала да остане во Ансамблот за народни песни на БНР, во кој била примена на 19-годишна возраст.
„Не жалам, бидејќи со луѓето од Радиото испеавме стотици песни, ние бевме едноставно машина за песни. Немавме концертна дејност, Радиоансамблот за народни песни – и оркестарот и хорот, бевме за потребите на Радиото. Правевме снимки речиси секоја недела… многу ретко имавме концерти. Но, од етерот звучевме секој ден…“, се присетува Станчева.
Во Ансамблот таа изведувала шопски, тракиски, севернjaчки и родопски песни, но до крајот на животот останала особено приврзана за музиката од родниот крај. Настапувала во престижни светски концертни сали, а истовремено пеела и пред ученици и во читалишта.
По смртта на нејзината 17-годишна ќерка Надја во сообраќајна несреќа, Станчева престанала да пее извесен период. Подоцна продолжила да настапува со „Мистеријата на бугарските гласови“, предавала на Нов бугарски универзитет, одржувала мајсторски курсеви во Бугарија и САД, учествувала во филмови и телевизиски емисии и работела со деца и фолклорни групи.
„Многу тешки моменти имав во животот. Најстрашното нешто го преживеав, но за тешкотијата велат – излегуваш на сцената и мораш за малку да избегаш од тоа што ти се случило. Ако работам друга работа, тоа пак ќе оди со мене. Но, кога ќе се качиш на сцената – немаш право! Тие 1.000, 2.000, 3.000 луѓе што се таму, нив не ги интересира твојата болка. Ти си отишол таму и се смееш – тоа е! Тоа можеби ме спаси во тешките моменти. И особено мојата работа со децата“, вели таа во интервју за БНР.
Станчева предавала бугарски фолклор и на престижни американски универзитети, меѓу кои Јејл и Рочестер, а во нејзиниот дом во Ковачевци доаѓале ученици од Бугарија и од странство.
Пејачката и композиторка Влада Томова, основачка на бугарскиот женски фолклорен хор „Јасни гласови“ во Њујорк, ја опишува Станчева како близок пријател и ментор. „Кремена Станчева за мене беше многу близок и важен пријател и наставник“, вели Томова, додавајќи дека таа била „многу интелигентна жена… многу емотивен, многу топол човек“.
Во последните години од животот Кремена Станчева посветувала многу време на работата со читалиштата во Софија и Самоковскиот крај. На прашањето која е најголемата награда што ја добила, таа одговорила: „Јас сум народна пејачка и тоа е мојата најголема награда. Шопската песна е национално богатство и не треба да тоне во заборав! Би сакала и кога ќе престанам да пеам, луѓето да нè паметат и да нè сакаат…“
