| |

Бугарија и Романија ќе бараат посебна точка за безбедноста во Црното Море на следниот самит на ЕУ

Бугарија и Романија ќе инсистираат на вонредна точка, целосно посветена на безбедноста во Црното Море, на следниот самит на Европската Унија, јавува БГНЕС. Претседателката на Бугарија Илијана Јотова соопшти дека за ова телефонски разговарала со својот романски колега, по серијата инциденти со дронови и бродови во регионот.

„Она што го договоривме е навистина, во име на двете земји членки на Европската Унија, на самитот да има вонредна точка што ќе биде само за Црното Море“, изјави Јотова.

Министерствата за надворешни работи на Бугарија и Романија подготвуваат усогласен документ со фактите и заканите за пловидбата, како и со барањата за засилено набљудување, истраги и техничка поддршка од Европската агенција за поморска безбедност (EMSA).

„Ние и понатаму сметаме дека можеме да ја добиеме соодветната опрема од ЕМСА… за да може навистина да се спроведе една многу сериозна истрага за потонатиот брод од првите инциденти, а, впрочем, ако успееме, и за вториот, кој се случи пред два дена“, посочи Јотова.

Според неа, главното барање на Бугарија и Романија е „за запирање на сите борбени дејства и употребата на дронови во Црното Море“. Таа додаде дека такво барање официјално упатила и Франција.

Во дипломатската иницијатива се вклучува и Турција. Јотова оцени дека најдобро решение би било средба за безбедноста во Црното Море со учество на сите црноморски држави, вклучително и завојуваните страни.

„Нема како да се реши безбедноста во Црното Море без учество на двете држави, тоа е јасно како бел ден“, рече таа.

Поради опасностите за локалното население и рибарите, се разработува и национален систем за предупредување за пловечки опасни предмети. Јотова предложи да се користи и системот БГ-алерт: „Би требало да се размисли за начини да се вклучи и системот БГ-алерт, кога ќе се забележат такви остатоци во Црното Море, бидејќи знаете дека сега особено е и риболовна сезона и мора по секоја цена да ги заштитиме луѓето“.

За реакцијата на военопоморските сили, претседателката даде висока оценка и ја истакна „неверојатно брзата координација и неверојатната храброст на овие мажи, кои успеаја буквално за неколку часа да спасат преживеани морнари“. Според неа, инцидентите покажале дека бугарските служби можат ефикасно да дејствуваат во вонредни ситуации.

Слични Објави