Повеќе од 1.000 војници од осум земји меѓу кои и Северна Македонија учествуваат на вежбата „Тракија – 26“ во Бугарија
Повеќе од 1.000 војници од осум земји, меѓу кои и Северна Македонија, учествуваат на мултинационалната вежба „Тракија – 26“. Вежбата се одржува истовремено на полигоните „Корен“ и „Ново Село“ во Бугарија, под команда на италијанската бригада „Гарибалди“, јавува Армимедија.
Целта е да се провери подготвеноста на мултинационалната борбена група на НАТО во Бугарија да прерасне во бригада, како и подготвеноста на бригадниот штаб да командува со три баталјонски борбени групи – бугарска, грчка и италијанска. Првата фаза опфаќа командно-штабна вежба за планирање одбранбена операција, а втората – тактички вежби на терен.
На „Корен“ заедно вежбаат бугарски и италијански војници од бугарската борбена група. „Со секоја следна вежба забележуваме повисоко ниво на оперативна усогласеност и координација меѓу единиците од двете земји“, изјави потполковник Даниел Захариев, командант на 4. механизиран баталјон на бугарските копнени сили.
На 26 ноември учесниците ќе прикажат како дејствуваат заеднички во одбранбена операција.
