| |

Средба Јотова-Витакер- главна тема безбедноста во Црно море

Бугарската претседателка Илијана Јотова на средбата со постојаниот претставник на САД во НАТО, Метју Витакер, ја истакна потребата од мораториум на борбените дејства во Црното Море и повика на заеднички мерки во рамките на ЕУ и НАТО, соопшти нејзината прес-служба. На средбата учествуваше и бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов, на чија покана Витакер ја посетува Бугарија.

Според Јотова, војната во Украина веќе се проширила и во Црното Море и ги загрозува националната безбедност, граѓаните и економиите на Бугарија и на другите земји од регионот, како и снабдувањето со храна надвор од Европа. За зачестените напади со дронови и за безбедноста на трговската пловидба се разговарало на самитот на ЕУ и на средби со сојузниците. Јотова укажа и на можноста за дополнителни мерки за засилена будност на источното крило на НАТО во рамките на операцијата „Источен страж“.

Јотова го повтори ставот на Бугарија дека се потребни напори за мировни преговори за Украина. Според неа, траен и праведен мир може да се постигне само ако во преговорите учествуваат и Украина и ЕУ. Таа побара и подобра координација меѓу членките на ЕУ во одбранбената индустрија, како и потесна соработка меѓу ЕУ и НАТО.

Јотова и Витакер разговараа и за можностите Бугарија и САД да го продлабочат стратешкото партнерство во инфраструктурата, високите технологии, вештачката интелигенција и енергетиката.

Бугарското Министерство за одбрана претходно соопшти дека Стојанов и Витакер разговарале за дополнителна поддршка од НАТО за справување со растечките безбедносни предизвици.

Слични Објави