ГДУ-ШТИП: ДАЛИ ИМА ПРИЧИНИ ЗА ЗАГРИЖЕНОСТ МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ ЗА 6-ТЕ СЛУЧАИ НА ХЕПАТИТ Ц ВО ШТИПСКАТА БОЛНИЦА?

„Уште што треба да се случи за Министерството за здравство и Владата да почнат да си ја работат својата работа за која се платени? Вчерашниот ден го потресе скандал за 6 случаи на хепатит ц во клиничкиот центар- Штип, во одделението ортопедија. Дали има причина граѓаните да бидат загрижени?

Сведоци сме на лошите услови за лечење и за работа во болничките установи. Ветувањата за изградба на нов клинички центар во Штип останаа само ветувања кои некако тешко се реализираат. Колку време е потребно да биде изграден тој фамозен нов клинички центар? Уште колку е пролонгиран рокот за градба и на што се должи паузата на градежните активности на истиот? Како мислат Владата и министерството, да ја вратат довербата кај граѓаните за лечење во болничките установи по вакви скандали? Со негрижа на надлежните, се става во опасност здравјето и животот како на пациентите така на докторите и на целиот медицински персонал.

Владата и министерството не покажуваат ни малку почит ни кон пациентите ни кон докторите. Истите работат во ужасно лоши услови и се херои на денешното време што успеваат воопшто и да функционираат во едни такви нездрави услови за работа. Истите тие доктори се дефицитарен кадар и работат во Македонија, бидејќи си ја сакаат професијата но и своите сограѓани, инаку истото би можеле да го работат и во некоја европска земја за многу поголеми плати и поголема почит, но тие одбрале да го дадат својот максимум овде.
Поради ова настојуваме министерството и Владата да покажат поголема почит и грижа за тие што треба да се грижат за нашето здравје.

Конкретно прашуваме:
Дали се исплаќаат додатоците на плата за прекувремена работа, минат труд, работа во смени итн. на медицинскиот персонал, согласно законот за работни односи и колективниот договор?

Уште колку ќе чекаат пациентите за да ги видат ветените реформи во здравството и да се лечат во нормални услови, бидејќи условите се секакви, но не и нормални?

Уште колку ќе чека медицинскиот персонал кој што е под договор и ќе добијат решение за неопределено работно време и од досегашните 8000 денари да ја земаат барем минимално утврдената плата?

Само да напоменеме дека ова не го кажуваме како став на партија, туку како загрижени граѓани, како корисници на државното здравство т.е пациенти.

Почитувани претставници на власта, сите ние или нашите блиски, порано или подоцна стануваме корисници на здравствени услуги во овие установи. Престанете со популизмот, време е да изградиме нормален здравствен систем не заради ЕУ и НАТО туку заради самите нас и нашите блиски“, изјави на денешната прес-конференција, претседателот на ГДУ-Штип, Борче Пачемски.