Бугарските европратеници со критики кон текстови во извештајот за Северна Македонија
Европскиот известувач Томас Вајц предлага формулации во извештајот за Северна Македонија кои ги доведуваат во прашање клучните принципи на Европскиот парламент и создаваат опасни преседани. Формулациите ги нарушуваат политиките утврдени во преговарачката рамка меѓу ЕУ и земјата.
Оваа позиција ја изразија бугарските европратеници Ивајло В’лчев од групата на Европските конзервативци и реформисти и Станислав Стојанов од групата „Европа на суверените нации“ во испратени коментари до Вајц, пренесува БГНЕС.
Тие се поддржани од сите бугарски претставници во Европскиот парламент во специјално писмо испратено до известувачот, известувачите во сенка, координаторите за надворешна политика на политичките групи во ЕП и раководствата на групите.
В’лчев и Стојанов нагласуваат дека клучните прашања и црвени линии, поставени во над 100 амандмани на извештајот, поднесени од бугарските претставници, повторно не се соодветно одразени. Двајцата бугарски претставници се известувачи во сенка за своите политички групи. Во своите белешки тие наведуваат дека предложените компромисни текстови повторно создаваат опасни преседани.
„Ова не е само прашање на национална чувствителност или билатерална загриженост. Тоа се однесува на целосноста, предвидливоста и институционалната веродостојност на самиот процес на проширување на ЕУ. Доколку елементи, едногласно договорени од Советот и официјално прифатени од страна кандидат, подоцна можат да бидат релативизирани, политички преосмислени или индиректно повторно отворени преку јазикот на извештајот на Европскиот парламент, тоа ризикува да ја поткопа довербата во сопствените одлуки, обврски и рамката за пристапување на Европската унија“, се наведува во позицијата.
Бугарските европратеници предупредуваат и дека евентуално разводнување или заобиколување на веќе постигнатите европски компромиси преку јазикот на парламентарните извештаи би создало сериозен ризик за довербата во процесот на пристапување.
„Ако едногласно договорените европски компромиси подоцна можат да бидат разводнети, заобиколени или политички преосмислени преку јазикот на парламентарните извештаи, тоа би претставувало сериозна закана за целосноста, предвидливоста и институционалната веродостојност на самиот процес на пристапување кон ЕУ и би испратило длабоко загрижувачки сигнал и до земјите членки и до земјите кандидатки за доверливоста на сопствените обврски на Унијата“, се наведува понатаму во писмото.
Во таа насока, бугарските претставници бараат нивната загриженост и позиции соодветно да бидат одразени во конечните компромисни текстови што треба да бидат изгласани во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.
Според нив, тоа е неопходно за да се спречи дополнителен институционален притисок, да не се отвораат повторно политички чувствителни прашања и да се зачува широкиот политички консензус, неопходен и за довербата во извештајот и за самиот процес на проширување.
Заедничката позиција на бугарските европратеници е испратена и до претседателот на бугарскиот парламент, претседателот на државата, претседателот на Владата на Бугарија и министерот за надворешни работи.
