Бугарија и Северна Македонија ја подготвуваат програмата за прекугранична соработка за периодот 2028–2034
Бугарија и Северна Македонија на 18 септември го почнаа стратешкото планирање на новата Програма Интеррег за прекугранична соработка за периодот 2028–2034 година, со фокус на заедничките предизвици, подобар пристап до услуги, деловниот развој и подготвеноста за климатски ризици, јавува Министерството за регионален развој и просторно планирање на Бугарија.
„Треба заедно да ја определиме насоката на прекуграничната соработка за следниот програмски период – на кои заеднички предизвици да ги насочиме нашите напори, каде соработката преку границата може да има најголем ефект и како идната програма да доведе до реални резултати за луѓето и за развојот на регионот“, изјави бугарската заменик-министерка за регионален развој и јавни работи Десислава Георгиева на отворањето на првиот состанок на Групата за програмирање.
На состанокот учествуваа претставници на Европската комисија, програмските органи на двете земји, национални, регионални и локални институции, социо-економски партнери и граѓански организации.
Разговорите за новата програма се темелат на искуствата од досегашната прекугранична соработка, новата европска рамка за 2028–2034 година, територијалната анализа и консултациите со локалните заедници.
Од 2007 година, во рамките на три програмски периоди, биле поддржани 206 проекти со учество на 463 организации и вкупен буџет од речиси 67 милиони евра. Според оценката изнесена во материјалот, следниот чекор е премин од поединечни проекти кон поодржливи партнерства и долгорочни решенија што ќе можат да се применуваат и по завршувањето на финансирањето.
За утврдување на реалните потреби и инвестициската подготвеност на прекуграничниот регион, бугарското Министерство за регионален развој и просторно планирање и Министерството за локална самоуправа на Северна Македонија примениле четири меѓусебно поврзани пристапи: територијална анализа, регионални консултации со повеќе од 150 учесници, онлајн собирање проектни идеи и секторски меѓуинституционални консултации.
Собраните податоци ги издвојуваат демографскиот пад, иселувањето на младите, недоволната поврзаност и разликите во пристапот до услуги како заеднички предизвици. Истовремено, посочен е потенцијалот за прекуграничен деловен развој и подобра подготвеност за климатски ризици.
Задачата на Групата за програмирање е овие анализи и предлози да ги преточи во стратешки избори за идната програма.
